Нега и грижа во домот на стотина стари и изнемоштени лица во Крива Паланка

32

Со буџет во износ од 29.000.000 денари, одобрени преку Министерството социјална политика, демографија и млади, и оваа година стотина стари изнемоштени лица од Општина Крива Паланка ќе ја користат социјалната услуга за нега и грижа во домот, од негуватели од „Нега центар“ при Општинската организација на Црвениот крст – Крива Паланка.

Информацијата ја сподели градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на средбата со четириесетте негувателки и со одговорните од Црвениот крст од градот, кои се даватели на услугата.

– Со оваа социјална услуга за нашите возрасни жители се обезбедува помош во вршењето на основните и неопходни активности од секојдневниот живот, до 80 часа месечно, за лицата со намален функционален капацитет, кои не може сами да се грижат за себе, со цел да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата. Во 2025 година, околу 100 стари лица ќе бидат опслужени од сертифицирани негуватели на стари – објасни Митовски.

Маја Илиевска, вршител на должноста секретар на општинската Организација на Црвениот Крст – Крива Паланка, истакна дека благодарение на посветеноста и на партнерството со Општина Крива Паланка е создаден систем што ги почитува и ги негува највозрасните граѓани.

Преку оваа програма, во 2024 година, од буџетот на Општината се издвоени 200.000 денари за реализација на специјализирана обука за невработените лица за персонални асистенти и негуватели, со што, во моментот, Општината располага со вкупно 62 сертифицирани негуватели.

Од Општина Крива Паланка нагласија дека активно се работи и на изградбата на дом за стари лица.

 

ИЗДВОЕНИ