Премиерот Христијан Мицкоски најави нов крупен енергетски проект со кој државата ќе се поврзе со српскиот гасоводен систем, оценувајќи дека Македонија постепено се позиционира како важен регионален енергетски центар. Според него, Владата веќе ги финализира подготовките за почеток на постапката за изградба на гасоводниот интерконектор со Србија, додека паралелно интензивно се работи и на гасното поврзување со Грција.

Мицкоски информираше дека македонскиот дел од гасоводот кон Србија ќе биде долг 23 километри, а неделава АД „Номагас“ ќе објави тендерска постапка за избор на проектант и изведувач на трасата. Од српска страна, пак, компанијата „Србијагас“ ќе има обврска да изгради дополнителни 45 километри гасовод, од границата со Македонија до приклучувањето кон постојниот национален гасоводен систем на Србија.

Интерконекторот ќе има капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно, а на македонска територија е предвидена и изградба на главна мерна станица. Проектот се смета за значаен чекор во насока на диверзификација на енергетските извори и зајакнување на енергетската стабилност на земјава, особено во услови на зголемени регионални потреби за сигурно снабдување со природен гас.

Премиерот посочи дека паралелно со овој проект, интензивно се реализира и гасниот интерконектор со Грција кој, според очекувањата, треба да биде ставен во функција во 2027 година. Со неговото профункционирање се очекува првите количества природен гас да започнат да пристигнуваат до домашните потрошувачи, а по завршувањето на северниот крак кон Србија, дел од количеството ќе може да се транспортира и кон српскиот пазар.

– Интензивно се гради гасоводот со Грција. Почнуваме неделава со објавување на тендерот за гасоводот со Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка, а во функција е и нафтоводот од пристаништето Солун до Скопје. Кога ова ќе биде завршено, тогаш можеме да кажеме дека сме регионален хаб – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата останува силно фокусирана на реализацијата на капиталните енергетски инфраструктурни проекти, кои, според него, ќе имаат долгорочно значење за економскиот развој, енергетската независност и за регионалната поврзаност на државата.

– Очекувам некаде во првата половина од следната година, гасоводот да ја поврзе нашата земја со нашиот јужен сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот што следува – порача премиерот.

Со реализацијата на двата интерконектори – со Грција и со Србија, тој очекува нашата земја да добие можност да стане значајна транзитна точка за транспорт на природен гас во регионот, што би отворило простор и за нови инвестиции во енергетскиот сектор, но и за поголема сигурност во снабдувањето за домаќинствата и индустријата.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ