Јасмина Шопова, потпретседателкa на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ истакна дека „Деновите на поезијата“ не се ограничуваат на јубилеи, но се клучен момент бидејќи идејата водилка на манифестацијата е токму незаборавот, негувањето на културното наследство и нишката која ги поврзува некогашните и сегашните генерации, минатото и иднината
Инспирирани од песната на Анте Поповски „Памети тој“, со слика на птицата што го надлетала неговиот свет и со моќниот стих „не умира и мртов памети поетот“,
изборот на песни кои беа презентирани на завчерашното свеченото отворање на
„Деновите на поезијата“ во Скопје, посведочија за трајното присуство на нашите јубилари во македонскиот јазик и неговата духовност. Пред присутните на настанот што се одржа во „Сити мол“– Скопје, на поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов“ можеа да се слушнат стихови од плејада творци од првите генерации на современата македонска поезија.
Иван Чаповски, кој годинава го прославува својот 90. роденден, ја прочита песната „Сеќавањето бело“, посветена на Танас Луловски, сликар кој нè напушти пред 20 години, а на Јован Стрезовски е оддадена почит по повод неговиот 95. роденден, со „ехото кое сведочи дека глас еднаш пуштен не исчезнува“.
Со присутните беа ластовиците на Блаже Конески, кои ја бележале за него нејасната порака на животот и времето; птичјите крилја со кои се здружила душата на Љупчо Стојменски; летот на песната на Михаил Ренџов; сонцето што ги прегрнува Илхами Емин и неговата птица; туртуричето на Атанас Вангелов; детето на Петар Т. Бошковски, со затворен лет на птица во клепките; птицата што логорува под небото на Љубен Ташковски; сињо – небесната птица на Светлана Христова Јоциќ, која патот ѝ го темносува; белите птици со искрвавени клунови на Видое Видичевски…
Јасмина Шопова, потпретседателкaта на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ истакна дека „Деновите на поезијата“ не се ограничуваат на јубилеи, но се клучен момент, бидејќи идејата водилка на манифестацијата е токму незаборавот, негувањето на културното наследство и нишката која ги поврзува некогашните и сегашните генерации, минатото и иднината.
– Зборувам особено за јубилеите на оние поети кои се сега „отаде сите неба“, чии сенки „уште им се гледаат“, додека „на земјата веќе сè е минато“, како што рече Анте Поповски во своите песни, додаде Шопова.
Настанот го водеше Никола Ристановски, а поезија заедно со него читаа и Софија Гогова-Врчаковска, студентите на Факултетот за музичка уметност, Дамјан Атовски и Теона Крстевска. Во музичката придружба, покрај Петар Ренџов, стиховите ги пратеа Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти на Факултетот за музичка уметност.
– Омажот на основоположниците на македонската современа поезија беше своевиден израз на „еден внатрешен порив да се надомести барем во дел благодарноста кон оние македонски писатели кои по силата на нивниот творечки чин означуваат и етички и естетски прототип на својот народ“, како што забележа Анте Поповски при една друга средба, врзана со Ацо Шопов, кога пред три децении се одбележуваа 70 години од неговото раѓање, велат од Фондацијата „Ацо Шопов“.
Еминентната естонска поетеса Дорис Карева, пак, чија поезија плени со нејзината прецизност, економичноста на изразот и многузначнaта слоевитoст, како што забележа нејзината преведувачка на македонски Јулијана Величковска, небаре го следела рецептот за „проста и строга песна“ – на нашиот Блаже Конески. Таа пред присутните ја претстави книгата „Денови на милост“ од Дорис Карева во издание на ПНВ Публикации.
– Додека работев на преводот и ја препрочитував нејзината поезија, над сите впечатоци и размисли стоеше еден единствен збор, а тоа е зборот „авторитет“. Секој збор во нејзините песни е искажан со таква сигурност, со своевидна хируршка јазична прецизност и со авторитет врз белината на страницата. Секој збор од нејзината поезија е таму затоа што така мора да биде, и зашто ако го нема, постои опасност целата структура на песната да се распадне, изјави Величковска.
На прашањето дали смета дека улогата на поетот е да биде бунтовник, Дорис Карева изјави дека и љубовната песна може да биде чин на бунт.
– Понекогаш е полесно да се побуниш против нешто или некого отколку да останеш мирен и тивок, во согласност со она во што веруваш. Да се најдат зборови со кои љубовта ќе се изрази на сопствен и единствен начин често е потешко отколку да се изразат чувства на презир или непријателство. На некој начин, отсекогаш сум го сметала Шели за пореволуционерен од Бајрон. Да се говори вистината во време на опресија, исполнето со цинични лаги и лажни реалности, бара смирена храброст и бистрина на умот. Тоа е мечот на духовниот воин. Тоа е моќта на поезијата, одговори Карева.
На отворањето настапи и Поетроника со извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“, а дел од програмата беа и современи македонски поети.












