Од утре до недела, 11 мај, територијата на Македонија ќе биде под влијание на плитка фронтална долина, која позначително ќе ја дестабилизира атмосферата кај нас.
– Во ваква ситуација, локално ќе се создаваат конвективни облачни јадра, кои ќе условуваат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради високите температури што ги имаме овие денови, атмосферата е повеќе загреана, па така, локално ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и со појава на град – вели метеопрогнозерот Славчо Поповски.
Според неговата прогноза, и во делови од Скопскиот Регион од денеска, па најмалку до недела ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на краткотрајно невреме.
Температурите во текот на овој период постепено и секојдневно ќе опаѓаат, што значи дека полека ќе навлегуваме во период со значително пониски температури, кои ќе бидат потпросечни за мај.
Поповски апелира во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да се избегнува претстој на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветер, автомобилите да се заштитат, односно граѓаните да избегнуваат да ги ставаат под дрвја.