По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се откаже од експлоатацијата на антимонот кај Луке, од политичката партија ДОМ побараа поголема транспарентност за проектот „Крстов Дол“. Од ДОМ оценуваат дека потенцијалниот стратешки интерес за антимонот не треба да се претставува како доказ за економската исплатливост на рудникот, ниту да биде причина за намалување на еколошките стандарди.

Партијата бара јавноста да добие конкретни и проверливи информации за проектот, вклучително и податоци за докажаните рудни резерви и испитувањата врз основа на кои тие се утврдени. Од ДОМ прашуваат и каква технологија ќе се користи за експлоатација и преработка на рудата, како и колкава количина вода ќе биде потребна и од кои извори ќе се обезбедува.

Посебно прашање, според партијата, е управувањето со јаловиштето и гаранциите за неговата долгорочна безбедност. ДОМ бара информации и за тоа кој ќе ги покрие трошоците за рекултивација на теренот и какви финансиски гаранции ќе обезбеди инвеститорот. Од партијата бараат да бидат објавени и независните студии за влијанието на проектот врз здравјето на населението и животната средина, доколку такви анализи се изработени.

Според ДОМ, економскиот развој е потребен, но не треба да биде на штета на здравјето, водните ресурси и животната средина. Партијата повикува на целосна транспарентност и достапност на релевантните податоци за јавноста.

ИЗДВОЕНИ