Археолозите од Националниот археолошки музеј и Охридскиот завод и музеј открија богат војнички гроб од 6 век пред новата ера на локалитетот Расница кај струшкото село Корошишта. Во гробот се откриени оружје и предмети изработени од злато, бронза и од килибар.
Наодите ќе бидат претставени денеска на прес-конференција на археолошкиот локалитет Расница, с. Корошишта – Струшко, на која ќе присуствуваат раководителот на археолошките истражувања, д-р Перо Арџанлиев, кустос советник во Националниот археолошки музеј, директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова, и директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева.
„Истражувањата оваа година донесоа ново исклучително откритие – богато војничко погребување со комплетна воена опрема, меѓу која се откриени штит, шлем, копја, меч и други предмети од злато, бронза, килибар и други материјали. Најновите резултати се од особено значење бидејќи дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период, отворајќи нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот регион во текот на 6 век пред новата ера“, велат од Музејот.
Локалитетот Расница привлече внимание во јавноста во 2024 година, кога археолошките истражувања открија монументална гробна целина со исклучително богат археолошки материјал.
Тогаш беа пронајдени бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и кантарос, како и повеќе бронзени садови.
Според археолозите, новото војничко погребување и оружјето пронајдено во него даваат важни податоци за статусот, идентитетот и воената улога на дел од луѓето погребани во некрополата. Тие додаваат дека со континуираните истражувања, Корошишта се издвојува како еден од најзначајните археолошки комплекси од архајскиот период во земјава.
Истражувањата ги спроведува Националниот археолошки музеј од Скопје во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот од Охрид.












