Седум писатели од регионот и пошироко, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, српскиот писател Драган Великиќ, беа претставени на отворањето на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Гостите ги поздрави Дејан Трајкоски, основач на фестивалот, а разговорите со писателите ги водеа Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и се длабоко вкоренети во своите култури

Љубовта, границите, стравот, историското паметење и местото на литературата во денешниот свет беа темите за кои писатели од регионот говореа вчеравечер, во Музеј на град Скопје, на отворањето на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Притоа беа претставени седум писатели од регионот и пошироко, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт”, српскиот писател Драган Великиќ.

Гостите ги поздрави Дејан Трајкоски, основач на фестивалот, а разговорите со писателите ги водеа Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.
Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и се длабоко вкоренети во своите култури – албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ како и македонски писател Блаже Миневски.

Албанската писателка Дијана Чули се осврна на своите два романи кои извираат од вистински настани. Нејзиниот прв роман е напишан според вистинска случка од минатото – љубовна приказна меѓу двајца партизани, за која многу се зборувало во Албанија.

Бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, чиј трет роман „Ѕвезди под клепките“ беше преведен на македонски јазик во 2025 година во издание на „Три”, по втор пат е во Скопје.
– Со „Ѕвезди под клепките“ решив да ја раскажам љубовната приказна на мајка ми и татко ми. Ама, кога почнав да пишувам, ми дојде да развијам три различни љубовни приказни и ги сместив во 1940-тите, во 1980-тите и во 2020 година. И секоја претходна ја измислува следната. Кога ќе ги затвориме очите, под клепките, гледаме светови, сите ние создаваме светови низ творештвото. Кој е вистинскиот свет – тоа прашање им го поставувам на читателите – рече Терзијски.

За добитникот на наградата „Прозарт“ 2026, српскиот писател Драган Великиќ, зборуваше проф. д-р Александар Прокопиев, колега на Великиќ од студентските денови, кој истакна дека уште од првата книга на Великиќ било јасно дека се работи за автентичен книжевен свет, и потсети дека двајцата, како студенти, го обожавале писателот Данило Киш.
– Јас не сум скромен човек, ама незгодно ми е како ме претстави Прокопиев, колега од факултет – рече со насмевка Великиќ, повикувајќи се на Бодлеровата мисла дека „инспирацијата е сестра на секојдневната работа“.
Тој отвори увид во сопствениот процес на пишување, откривајќи ја строгоста кон себе и бавното темпо со кое создава.
– Тешко ми е да кажам како наоѓам инспирација. Пишувам бавно – за две години пишувам педесет страници. Не дозволувам баналност. Цела палата се руши, а јас сум строг кон себе и мислам дека секоја моја книга треба да ја прочитам барем сто пати. Преводот е последна лектура – рече тој.
На прашањето како го чувствува духот на времето, Великиќ одговори:
– Сè што се случи во нашиот регион влијаеше на нас. Да не беше таа војна, јас ќе пишував поразлично. Во последните романи се бавам со секојдневието… се радувам кога можам да го извлечам текстот што сум го напишал.

Словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара говореше за својот роман „Сушна доба“, преведен на дваесетина јазици, меѓу кои и на јазиците на Мали и Буркина Фасо, земји со петстогодишна книжевна традиција.
– Тоа е љубовен роман, а е и антирасистички – рече Бабник Уатара.

Британско-ирскиот филмски автор, продуцент и писател Мајк Дауни, автор на романот „Истарско црно“– втор дел од трилогијата „Три бои Истра”, по светскиот бестселер „Истарското злато“ – зборуваше за темата на своето ново дело.
– Доаѓам од антифашистичко семејство, и имајќи предвид дека фашизмот е многу во подем, тоа беше мојата побуда. И сега сакам да користам хумор и да им дадам достоинство – рече Дауни, кој е познат продуцент поврзан со филмовите „Пред дождот” и „Караула”, како и со „Устав на Република Хрватска“, кој ќе се прикаже на 16 септември во Кинотека.

Писателот Блаже Миневски зборуваше за својот роман посветен на љубовта на Гоце Делчев, откривајќи дека идејата созревала две децении.
– Ја истражував љубовта на Гоце како новинар и мислев дека може да стане проза, да се раскаже низ чувствата… Тој ѝ дал аманет на Јанка да се вери со неговиот пријател, само ако се родат некакви чувства. И од историска, таа книга излезе приказна за чувствата – рече Миневски.
Тој се осврна и на позицијата на книжевностите на малите јазици во меѓународниот книжевен простор, посочувајќи дека обично помалите издавачки куќи ги објавуваат домашните автори надвор од земјата.


Писателката Христина Радовиќ Андриќ зборуваше, пак, за својот прв роман – „Арјачкиње барјачкиње, кого ќе изберете“, кој излезе од печат лани.
– Книгата е за животот и за односите во моето семејство, архетипни мажи и жени – мажот е тој кој низ акција станува херој, додека жената и нејзината вредност се прикажани низ пасивност, дека жената мора да трпи. Книгата излезе од некоја моја потреба да ја артикулирам болката која постојано ја ставав настрана – рече таа.

ИЗДВОЕНИ