Американскиот претседател Доналд Трамп е сè повеќе фрустриран од тешкотиите во завршувањето на конфликтот со Иран, додека неговите врвни советници остануваат длабоко поделени околу целите на воената кампања и стратегијата што треба да се усвои, објави американската телевизиска мрежа НБЦ (NBC), повикувајќи се на американски функционери и блиски до претседателот.
Трамп, кој јавно ја претстави офанзивата против Иран како успех, наводно го изразил својот гнев за време на состанокот со високи претставници за национална безбедност минатата недела, дури и прибегнувајќи кон навреди поради непостигнување на напредок.
Близок помошник на претседателот изјави за НБЦ дека е „уморен“ и не очекувал преговорите со Техеран да бидат толку тешки.
„Тој немал намера оваа војна да се одолговлекува“, додаде помошникот.
Американската телевизиска мрежа додаде дека во администрацијата нема консензус за целите на кампањата. Некои функционери даваат приоритет на уништувањето на нуклеарната програма на Иран, други на обезбедувањето на Ормускиот теснец, додека трета група сака да ги фокусира напорите на уништување на капацитетите на балистичките ракети и беспилотните летала на Техеран.
Неименуваните извори рекоа дека САД ризикуваат да претворат низа „тактички победи“ во „стратешки порази“ поради недостаток на јасна политичка насока, бидејќи војската се подготвува за потенцијална нова офанзива без прецизни директиви за целите што треба да се постигнат.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ја оспори оваа верзија на настаните.
„Тоа е неточно. Претседателот Трамп има одличен тим во кој има целосна доверба и сите во тимот знаат дека тој ги носи конечните одлуки“, изјави таа за НБЦ.
Според неа, Трамп „нема да стои настрана додека Иранците го кршат меморандумот за разбирање, убиваат американски војници и пукаат врз бродови во теснецот“.
„Додека тоа однесување не се промени, неговото (на Трамп) однесување нема да се промени. Тој е подготвен да се бори за да продолжи да го казнува Иран“, додаде портпаролката на Белата куќа.



![[Интервју] Синоличка Трпкова: Светот бара автентични приказни, да создаваме уметност без желба да се допаѓаме](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2026/07/sinolicka-za-sajt-450x300.jpg)








