Гана во последните секунди од натпреварот дојде до победа (1:0) против Панама и со тоа  успешно го отвори настапот на Светското првенство во фудбал, но по натпреварот повеќе се зборуваше за еден навивач отколку за самиот херој на теренот.

Кога веќе изгледаше дека ќе заврши мечот без голови и без победник, Калеб Џиренки во 95. минута ја затресе мрежата на Панама и ѝ донесе огромни три бода на својата репрезентација.

Сепак, вистински хит на социјалните мрежи стана еден навивач на Гана кого го уловија телевизиските камери како дува бел прав во текот на натпреварот. Снимката за кратко време стана вирална, а интернет-корисниците почнаа да се шегуваат дека токму неговиот ритуал придонел за победничкиот гол во судиското продолжение.

Многумина коментираа дека станува збор за традиционален обред, вештерство или за таканаречената црна магија, додека други ја сфатија целата ситуација како забавен момент што го разубавил почетокот на Мундијалот.

На платформите како „Икс“, „Инстаграм“ и „Тик-ток“ се појавија илјадници реакции и мемиња поврзани со мистериозниот навивач, кој прекуноќ стана интернет-сензација.

Иако нема никакви докази дека неговите потези имале влијание врз случувањата на теренот, фактот дека победничкиот гол беше постигнат само неколку минути подоцна дополнително ја разгоре фантазијата кај навивачите.

Фудбалот отсекогаш бил полн со суеверија, ритуали и со необични приказни, а оваа сигурно ќе остане една од најинтересните анегдоти од првите денови на Светското првенство.

Додека слави Гана важна победа, навивачот со белиот прав веќе доби статус на култен лик меѓу љубителите на фудбалот во светот.

ИЗДВОЕНИ