Според работната динамика, во завршна фаза се активностите за отворање на центарот за дневен престој на лицата со попреченост, кој ќе биде стациониран во населбата Козле.
Од Општина Карпош најавуваат дека наскоро ќе се случи тоа.
– Станува збор за дневен центар што ќе нуди инклузивно и функционално опкружување, каде што лицата со попреченост ќе добијат стручна грижа, психосоцијална поддршка, социјализација и развој на животните вештини. Инаку, овој центар е резултат на заедничката соработка меѓу Здружението за здрав раст и развој „Неуроклиник“, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Светска банка и Општина Карпош – соопштија од локалната самоуправа.
Притоа, нагласуваат дека овој проект претставува значаен чекор кон унапредување на системот за поддршка и грижа на лицата со попреченост, изграден врз основа на стручност, партнерство и заедничка визија.
– На иницијативата ѝ претходеше договор за меѓусебна соработка, кој го потпишаа локалната самоуправа и „Неуроклиник“, во мај минатата година. Дневниот центар е во фаза на лиценцирање, по чие завршување ќе следува информација до јавноста за неговото официјално отворање. Во таа насока, проектот претставува вистински исчекор кон едно хумано општество, кое ги препознава и воедно одговара на потребите на граѓаните од сите социјални категории – објаснуваат од Општина Карпош.
Дневниот центар се наоѓа на улицата „Јуриј Гагарин“, број 60 1/1, а за сите дополнителни информации и интерес за вклучување, граѓаните може да се обратат на телефонскиот број 078 336 537 или на и-мејл адресата [email protected].












