По 12 пријави за насилство и последна интервенција само два часа пред трагедијата, 31-годишната Ивана скокна од шести кат во Тафталиџе со ќерката во раце. Полицијата тврди дека немало видливи повреди и дека жртвата се откажала од пријавата, додека обвинителството и социјалните служби најавуваат проверки за постапувањата. Сопругот е приведен и се соочува со три кривични пријави. Јавноста бара одговор – како по години пријавувано насилство системот повторно не успеа да заштити? Министерот за внатрешни Панче Тошковски вети секој пријавен насилник ќе оди на полициски разговор во станица. Граѓаните да не си гледаат своја работа, туку да пријавуваат на 192.
Долга била листата на пријави за семејно насилство врз 31 годишната Ивана која во понеделникот со ќерката враце скокна од 6-от кат по што двете починаа на лице место. Дури 12 пријави за насилство вршено од нејзиниот сопруг, Стојанче Јовановски, кој по трагедијата е приведен и против него полицијата поднесе три кривични пријави: наведување на самоубиство, нанесување телесни повреди, и загрозување на сигурноста.
„ МВР има видео запис од истиот ден , како сторителот ја удира жртвата, рече министерот за внатрешни Панче Тошковски на прес конференцијата за настанот кој ја вознемири јавноста. Тој рече дека два часа пред жената да го направи смртоносниот чин, била пријавена расправија помеѓу неа и сопругот, на друга локација нешто по 12 часот.
– 02-03-2026 полицијата пристигнала и постапила по пријавата, Ивана кажала „Помеѓу нас немаше физички контакт, и се откажувам од пријава. Станува збор за недоразбирање и го решивме по мирен пат, не барам полициска постапка, не сакам да го пријавам како семејно насилство, ќе ги средам работите по мирен пат и ќе се разведам“, ја прочита министерот пријавата која и претходела на несреќниот настан. Јовановски не бил присутен кога пристигнала полицијата, Тошковски тврди дека полцајците не констатирале повреди кај жената за да реагираат по службена должност, а таа ги убедувала дека немало насилство. Веднаш потоа, според истрагата, Ивана и детето се упатиле кон станот на булеварот Теодосиј Гологанов, во населбата Тафталиџе.
– Се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна. Се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видео надзор и други снимки од неколку локации, соопштија од Јавното обвинителство од каде наредиле да се испита дали службите на МВР и Центарот за социјални постапиле по пријавите за насилството врз Ивана.
Нејзиниот брат веднаш по несреќата на социјалните мрежи сподели дека инстутуциите не постапувале по пријавите од неговата сестра и побара правда за загубените најблиски
– Потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем… После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата. нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!“, напиша Александар Стојаноски.
„150 стана не успеавме да те сочуваме од монструмот кој секојдневно те малтретираше“, напиша Тања Спировска соседка на жртвите од истиот влез на зградата. Соседите велат дека пријавувале во полиција, но добивале закани оти ќе одговараат за лажно пријавување. „Виновни сме и сите ние и институциите“, напиша Спировска.
Во кусото објаснување од Центарот за социјални работи, освен што институцијата жали за случајот најави и вонреден инспекциски надзор. Овде знаеле само за една од многуте пријави за семејното насилство врз жртвата и детето. Развод од сопругот, Ивана побарала во октомври минатата година.
-Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот за првпат се евидентирани во Центарот на 07.10.2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод на брак. Во однос на пријавено насилство, допис од МВР е примен и заведен во Центарот на 02.02.2026 година, а се однесува на настан од 19.12.2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир односно физички напад на сопругот врз сопругата, соопштија од министерството за социјала.
Приведениот сопруг, Стојанче Јовановски, според криминалната евиденција, бил осомничен дилер на дрога, пријавуван за насилства врз други, па и за напад врз полициски службеник. За сето ова, освен за семејно насилство, тој бил пријавуван во ОЈО Скопје.
-Против него има активна постапка од 29-12-2025 година за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, за пронајдени 19 грама марихуана и 7 грама амфетамин во багажникот од неговиот автомобил, за што му биле изречени мерки на претпазливост кои се уште се во сила, велат од обвинителството. Обвинение имал и за тепачки, ама и за напад врз служебно лице заедно со сега починатата, информираат од ОЈО Скопје.
Полицијата постапувала, но жртвата секогаш се откажувала од постапката, рече министерот Тошковски и се заложи дека ќе направи анализа во постапувањата во случајот со Ивана и преземените мерки. На прашањето зошто полицијата не го искористила законското право и не реагирала по службена должност, Тошковски повтори дека кај Ивана според полициската белешка, немало видливи повреди.
-Изминатата недела по службена должност полицијата покренала три постапки за семејно насилство, има изречено два притвора и една мерки за претпазливост. Но не е само до измената треба да го смениме кодот на однесување, не само кај полицијата и социјалната служба, туку и кај секој од нас. Ги повикувам граѓаните кои се сведоци на конретно семејно насилство да го пријават до МВР на 192, рече Тошковски. Вети посебно одделение за семејно насилство како механизам за одговор по последната жртва
– Ветувам, за секој еден настан од семејно насилство, ако има видливи повреди, жртвата нема да може да се повлече, ќе постапуваме по службена должност. Секој еден посочен дека е сторител на семејно насилство ќе биде викнат во полициска станица на разговор, уште денес ќе испратам телеграма до сите сектори, рече министерот. Во МВР од почетокот на годинава биле поднесени 28 пријави за семејно насилство, а судот изрекол 5 притвори. (П.А.)
Црвено знаме за системот од Националната мрежа против семејно насилство
Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не постапиле, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и обвинителството. Оваа трагедија не е изолиран случај – само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство. Бараме целосна и транспарентна истрага за постапувањето во случајот во Тафталиџе и проверка на сите претходни пријави. Суспензија на вклучените службени лица до завршување на истрагата и утврдување индивидуална одговорност за секој пропуст. Соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност таму каде што непостапувањето придонело за фатален исход. Најстроги казни за сторителот и итна ревизија на механизмите за проценка на ризик и заштита на жртвите на семејно насилство, бараат од Националната мрежа
СДСМ: Институциите немаат изговор за непостапување при семејно насилство
Не постои правна ниту институционална основа за одложување на полициска интервенција во вакви случаи. Истовремено, Министерството за труд и социјална политика има клучна одговорност во системот на заштита. Центрите за социјална работа мора да обезбедат социјална заштита, кризно сместување и психосоцијална поддршка за жртвите.Тие имаат обврска и да предлагаат долгорочни мерки за заштита и превенција. Без навремена и решителна реакција, системот ја губи својата основна функција – заштита на животот и безбедноста на граѓаните, велат од опозицијата












