| Европол предупредува на нов опасен модел на организиран криминал |
Шведската организирана криминална група позната како „Фокстрот Нетворк“ (Foxtrot Network), која е поврзана со иранскиот режим, развила озлогласена практика на „насилство како услуга“ Violence-as-a-Service). Групата систематски регрутира тинејџери и млади возрасни лица низ цела Европа за извршување вооружени напади и убиства, користејќи тактики прилагодени на помладите генерации.
Според податоците на европската полиција, мрежата е одговорна за најмалку 35 убиства од 2022 година, како и за серија напади врз израелски цели во Европа, вклучително и употреба на експлозиви и рачни гранати. Најновиот во низата случаи што ја шокираше јавноста е судењето во Лондон, каде што норвешкиот тинејџер, Јоханес Натланд, беше осуден за заговор за убиство во англискиот округ Западен Јоркшир.
Криминалната организација главно регрутира млади убијци преку социјалните медиуми. Одделот за организиран криминал на Европол истакнува дека регрутирањето и обуката се вршат преку таканаречен пристап на „гамификација“, односно преку методи што ја имитираат структурата и напредокот на компјутерските игри.
Експертите од работната група OTF GRIMM на Европол – која ги обединува полициите од 11 европски земји – предупредуваат дека станува збор за пресметана експлоатација на ранливи млади луѓе. Мрежата често користи онлајн псевдоними инспирирани од познати видео игри, како што е „Агент 47“, и им испраќа на тинејџерите мапи и видеа што ги водат до скриено оружје и пари.
Истрагата покажува дека водачот на групата, Рава Маџид, избегал од Шведска и Турција и моментално се наоѓа во Техеран. Шведските истражувачки новинари и полициски извори тврдат дека Маџид склучил договор со иранските власти да може слободно да престојува во таа земја, под услов неговата мрежа да извршува напади врз противниците на иранскиот режим и израелските цели во Европа.
Иако им нудат на регрутираните тинејџери големи суми пари за да извршат убиства, организаторите обично не ги плаќаат ветените пари. Стратегијата на мрежата се потпира на фактот дека сторителите екстремно брзо паѓаат во рацете на полицијата, со што ја губат можноста да бараат исплата, додека водачите, од друга страна, лесно наоѓаат нови, помлади замени кои не се свесни за последиците од своите постапки.
Шведските и сојузничките полициски сили постигнаа одреден напредок во разбивањето на мрежата. Во текот на изминатите 15 месеци, уапсени се повеќе од 280 лица поврзани со активностите на групата, вклучувајќи клучни оперативци кои комуницирале со тинејџери на терен, од кои некои се лоцирани и уапсени во Ирак и Тунис.
И покрај апсењата на оперативци од пониско ниво, самиот врв на мрежата во Техеран продолжува да претставува безбедносна закана. Шведските власти и меѓународните партнери предупредуваат дека заканата не е намалена, бидејќи ривалските криминални групи почнаа да го усвојуваат истиот модел на регрутирање малолетници за вооружени напади.
Ширењето на овој модел на насилство од Шведска до Скандинавија и остатокот од Европа претставува нов безбедносен предизвик за европската полиција, бидејќи сторителите се сè помлади, а синџирите на команда се скриени зад шифрирани апликации и границите на трети земји.
Тие предупредуваат дека други криминални групи, како што е мрежата „Дален“, конкурентите на „Фокстрот“, веќе го усвоиле овој метод на регрутирање ранливи тинејџери за убиство. Тие нагласуваат дека опасноста останува, бидејќи влијанието на овие мрежи брзо се шири низ Европа.
Енди Краг, раководител на Центарот за тежок и организиран криминал на Европол, го нарекува тоа „пресметливо препуштање на убиствата на ранливи млади луѓе“.
Начинот на кој функционира мрежата Фокстрот можеби најдобро е илустриран со примерот на Јоханес Натланд, норвешки тинејџер кој бил осуден од порота во Обединетото Кралство за заговор за убиство за планирано убиство во Западен Јоркшир.
Натланд имал удобно детство, но како тинејџер подлегнал на дрога и поминал кратко време во дом за деца. Таму запознал друг тинејџер кој го користел онлајн прекарот „АнноунХастлер“ (UnknownHustler). Тој прв му го испратил барањето на Натланд, кое дошло од друг тинејџер со псеводним „Генерален“. Тие барале некој да оди во Англија и да изврши убиство за 270.000 норвешки круни.
„Генерален“ го регрутирал Натланд за работата и го предал на член на „Фокстрот“ со корисничко име Агент 47. Тој го резервирал летот на Натланд и му дал упатства преку апликацијата за пораки „Сигнал“, пред да го предаде на лице со корисничко име „1“. Тој, пак, му испратил мапа и видео каде да најде оружје скриено во шумата во Хадерсфилд и како да најде залиха пари скриена во близина на пешачки тунел. Натланд бил уапсен пред да знае кого треба да убие, а детективите што го истражуваат неговиот случај сè уште не откриле кој требало да биде цел.
Тинејџерите се „потрошлива стока“
Европол открил дека „Генерален“ ангажирал најмалку уште две лица за да извршат убиства во Шведска. И двајцата биле тинејџери и ниту едниот од нив не добил надомест за „извршената работа“ бидејќи биле фатени.
„Воопшто не им е гајле дали тинејџерите ќе бидат фатени. Бидејќи кога ќе бидат фатени, не можат да ги побараат парите што им биле понудени, а не гледаме никакви примери дека овие млади убијци дивиле пари. Тоа е намерна политика да се регрутираат сè помлади тинејџери бидејќи тие не размислуваат за последиците од фаќањето и се повеќе спремни да преземат ризици“, истакнува новинарот Салиху.
„Генерален“ на крајот беше уапсен кога еден од тинејџерските регрути, 15-годишник кого го ангажирал за убиство, го пријавил во полиција. Тој беше осуден на 14 години затвор.












