Илинден нека продолжи да нè обединува преку спортот, заедништвото и позитивниот натпреварувачки дух, порача министерот за спорт Борко Ристовски, кој присуствуваше на Спортскиот фестивал „Илинден“ во Струга, каде што ги додели медалите на учесниците кои со својата посветеност, спортски дух и фер-плеј го одбележаа овогодишното јубилејно издание на фестивалот.

Ристовски истакна дека Спортскиот фестивал „Илинден“ претставува прекрасен пример како преку спортот се поврзуваат луѓето, се промовираат вистинските вредности и се создаваат нови генерации спортисти.

-Особено ме радува тоа што фестивалот годинава го одбележува својот мал јубилеј – пет години успешно ја негува спортската традиција и од локална иницијатива прерасна во препознатлив настан што обединува натпреварувачи, волонтери, семејства и љубители на спортот од целата држава. Иднината на македонскиот спорт се гради уште од најрана возраст, преку другарство, тимска работа, почит и фер-плеј – истакна министерот Борко Ристовски.

Посебно внимание на илинденскиот спортски фестивал во Струга привлече воведувањето на детските трки во пливање и веслање кои добија силна поддршка и симпатии од публиката и испратија силна порака и мотивација за најмладите спортисти.

Министерот Ристовски им честиташе на организаторите за успешната организација и нивната посветеност фестивалот од година во година да расте и да привлекува сè поголем број учесници и посетители.

Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува ваквите спортски манифестации кои придонесуваат за развојот на спортот, промоцијата на здравите животни навики и зајакнувањето на спортскиот дух и заедништвото меѓу граѓаните.

ИЗДВОЕНИ