Извршниот одбор на Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа се искачува од 4 на 4,25 отсто. Од централната банка соопштија дека мерката е донесена врз основа на најновите економски показатели и проценките за влијанието на глобалните случувања врз домашната економија.

Според оценките на Народната банка, од почетокот на годината е забележана зголемена побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што условило поактивно присуство на институцијата на девизниот пазар. Сепак, од почетокот на мај се регистрира стабилизација на побарувачката на девизи, додека најновите меѓународни случувања внесуваат поголема извесност во однос на можностите за смирување на конфликтот на Блискиот Исток.

И покрај тоа, од Народната банка предупредуваат дека економските последици од геополитичките тензии и натаму се присутни, а неизвесноста околу целосната нормализација на економските текови останува значаен ризик. Дополнително, продолжуваат и притисоците врз цените.

Годишната стапка на инфлација во мај бележи забавување во согласност со очекувањата, но останува на релативно високо ниво, што укажува на продолжени инфлациски притисоци и побавно враќање кон историски просечните стапки. Централната банка посочува дека дел од домашните фактори кои влијаат врз побарувачката дополнително ја наметнуваат потребата од претпазлив пристап во креирањето на монетарната политика.

Во такви околности, оценето е дека умереното затегнување на монетарната политика, во комбинација со веќе преземените мерки поврзани со задолжителната резерва и макропрудентната рамка, ќе придонесе за зачувување на стабилноста на девизниот курс, постепено намалување на инфлацијата и зацврстување на инфлациските очекувања. Воедно, мерките се очекува да имаат влијание и врз кредитните услови во економијата.

Дополнителен фактор при донесувањето на одлуката е и последниот потег на Европската централна банка, која ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени поради засилените инфлациски притисоци во еврозоната.

На крајот од мај, девизните резерви достигнале 5,21 милијарди евра и остануваат во сигурната зона, при што нивното движење е во согласност со проекциите за вториот квартал. Во текот на мај, девизниот пазар бил стабилен и не биле потребни интервенции за обезбедување дополнителна девизна ликвидност.

Од Народната банка нагласуваат дека остануваат посветени на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, што се смета за клучен предуслов за долгорочна ценовна стабилност. Оттаму најавуваат внимателно следење на домашните и глобалните економски текови и подготвеност за примена на сите расположливи инструменти со цел зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

 

ИЗДВОЕНИ