„ТАВ Македонија“ е добитник на престижното признание „Оскар на хуманоста“, кое традиционално го доделува Црвениот крст на град Скопје на компании и поединци кои дале значаен придонес во поддршката на заедницата и промоцијата на хуманите вредности. Признанието ѝ беше врачено на менаџерката за корпоративни комуникации во „ТАВ Македонија“, Маја Бајалска-Георгиевска, како потврда за континуираните активности на компанијата во областа на општествената одговорност и хуманитарното дејствување.
Од „ТАВ Македонија“ истакнуваат дека наградата претставува признание за нивната долгогодишна посветеност на поддршката на ранливите категории граѓани и на локалната заедница.
– Особено сме горди на нашата долгорочна хуманитарна иницијатива „ТАВ Готви“, преку која веќе неколку години, со волонтерски ангажман на нашите вработени, подготвуваме топли оброци и ги доставуваме до Пунктот за бездомници во Момин Поток при Црвениот крст на град Скопје. Им благодариме на Црвениот крст за укажаната доверба и признание, како и на сите наши вработени и партнери кои секојдневно ја живеат оваа мисија. Продолжуваме со уште поголема мотивација да придонесуваме за подобро и похумано општество – соопштија од „ТАВ Македонија“.
Од компанијата нагласуваат дека и во иднина ќе продолжат со реализација на проекти и активности насочени кон поддршка на заедницата, поттикнување на солидарноста и унапредување на квалитетот на животот на граѓаните.












