Наркомани оставаат користени шприцови и игли под прозорците од јаслите

425

Родители велат дека во дворот затечуваат шприцови, игли, а некогаш дури и крв. Викендов бил забележан шприц со игла, на скалите токму под прозорецот од јаслите во оваа градинка, каде што се најмалите, што претставува опасност да се повреди некое од децата и, не дај Боже, да се инфицира. Од градинката велат дека редовно се чисти дворот и дека за тоа се грижи лице што е вработено и задолжено за тоа. Оттаму додаваат дека ги знаат лицата што доаѓаат, односно се работи за зависници што, како што велат, се од соседството. –  Им ги знаеме и имињата. Дури и се фотографирани. Не доаѓаат многу често, можеби пет пати годишно. Повеќе пати сме ги опоменувале да не влегуваат. Знаеме дека се создава лоша слика и дека е опасно, повикана е и полиција, но, ете, се случило, дошле кога немало никој – образложуваат од градинката

 

Родители што ги носат своите дечиња во градинката „Искра“, која е клон на градинката „25 Мај“ во населбата Ченто, раскажуваат дека се згрозени од глетката на која наидуваат. Велат дека во дворот затечуваат шпроцеви, игли, а некогаш дури и крв. Викендов бил забележан шприц со игла, на скалите токму под прозорецот од јаслите во оваа градинка, каде што се најмалите, што претставува опасност да се повреди некое од децата и, не дај Боже, да се инфицира. Тоа е регистрирано и со фотографија.

– Вработените досега се соочувале со разни ситуации, но објектот нема обезбедување, кое ќе реагира соодветно во секој даден момент. Со текот на годините, овој објект доби нова ограда, нова влезна врата, решетки, клими… Но сега, кога ќе поминете покрај оградата, дел од неа недостига, ќе начекате некоја откорната клима, дупки од извадени капаци на шахти во дворот на градинката и сл. На вработените им е страв да ги изнесуваат децата на свеж воздух токму поради овие проблеми, особено проблемот со иглите – реагира родител.

Тој додава дека неговите деца се трета генерација во оваа градинка и оти, како што изминуваат годините, сè останува исто и прашува дали треба вака да се третира иднината на децата, дали е ова слика што треба да ја види едно дете и до кога вака.

Друг, пак, родител вели дека и неговото дете порано престојувало во оваа градина и дека се влече овој проблем одамна, но дека никој ништо не презема.

– На оградата од градинката се сушат облека, килими. Дворот наместо да е уреден со детски реквизити, служи за депонија и е обраснат со трева. Нема никаква ознака дека се работи за детска установа. Во сите градинки се прави нешто, освен во оваа – е коментарот на родителот.

Од градинката велат дека редовно се чисти дворот и дека за тоа се грижи лице што е вработено и задолжено за тоа.

– Имаме и патролно обезбедување, кое секој ден по 18:00 часот, кога заминуваме, следи што се случува во објектот. Поставивме и ограда, но не можеме да се заградиме од сите страни, бидејќи се работи за голема дворна површина од 3.000 квадратни метри и невозможно е никој да не влезе. Згора на тоа, до нас е и објектот на СОС Детско село, кое му е даден на користење пред пет-шест години – објаснуваат од градинката.

Оттаму додаваат дека ги знаат лицата што доаѓаат, односно се работи за зависници што, како што велат, се од соседството.

– Им ги знаеме и имињата. Дури и се фотографирани. Не доаѓаат многу често, можеби пет пати годишно. Повеќе пати сме ги опоменувале да не влегуваат. Знаеме дека се создава лоша слика и дека е опасно, повикана е и полиција, но, ете, се случило, дошле кога немало никој – образложуваат од градинката.

Дека се опасни ваквите случувања покажува и настанот од пред повеќе од две години, кога играјќи си кај Домчето во Ченто, седумгодишно дете паднало и се набодело на користена игла на шприц од зависник од дрога.

(А.П.)   

 

ИЗДВОЕНИ