Граѓани кои живеат во околината на булeварот „Теодосиј Гологанов“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) алармираат за напуштено градилиште на улицата „Петар Поп Арсов“ број 38, кое стои заградено со тараби речиси 20 години.
Тие велат дека зад металната ограда веќе вирее цел нов екосистем – шума од дрвја, купишта ѓубре и огромна бара со застоена вода полна со жаби и роеви комарци. Нагласуваат дека се работи за вистинска еколошка и здравствена бомба во центарот на Скопје.
Но, кога загрижените граѓани побарале спас, од комуналната инспекција на Општина Центар, како што наведуваат, добиле одговор во писмена форма дека тие не биле надлежни бидејќи се работело за приватна површина.
Граѓаните прашуваат јавно: Дали ако некој поседува приватен имот, има право таму да одгледува зарази кои го загрозуваат целото соседство? Ако комуналниот инспектор нема законски основ, зарем Општината и градоначалникот Горан Герасимовски немаат должност да ги алармираат и повикаат повисоките инстанции за да ги заштитат своите жители? Кој треба да сноси одговорност ако утре некој од околните згради заврши на Инфективна клиника?
Поради, како што нагласуваат, очигледната пасивност на локално ниво, жителите ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање, инспекторатот на Општина Центар и градоначалникот Горан Герасимовски итно да излезат на терен, да направат увид и да го принудат сопственикот веднаш да ја испумпа водата и да го исчисти просторот.
Од Општина Центар, на чија територија се наоѓа напуштеното градилиште, одговорија дека ќе ги преземат расположливите законски мерки во рамките на своите надлежности и оти ќе ги известат другите надлежни институции за прашањата кои се во нивна надлежност, со цел да се утврди одговорноста и да се иницира отстранување на евентуалните ризици по здравјето и безбедноста на граѓаните.
(А. П.)












