Припадничка на обезбедувањето на француското Министерство за правда беше нападната во средата наутро во Париз додека одела на работа, а напаѓачот ѝ се заканувал со нож и ѝ барал пари, соопшти денес обвинителството.
Нападот се случил околу 5:30 часот наутро во населбата Роза Парк во 19-тиот арондисман во Париз, каде што се наоѓа зградата Милениум 3 на Министерството за правда.
Според обвинителите, мажот ѝ се приближил на жената, трчал по неа, ја зграпчил за јаката и извадил нож, барајќи пари, објави „Ле Фигаро“.
Откако таа му дала ситни пари, тој ѝ се заканил, ја соборил на земја и почнал да ја дави.
Потоа ѝ го побарал телефонот и ги зел слушалките од нејзината чанта.
Колегите, кои ги слушнале нејзините повици за помош, ѝ притрчале на помош, додека осомничениот избегал кон зелена површина позната како Северна линеарна шума, помеѓу кружниот пат и базенот Обервилиер.
Подоцна полицијата го пронашла во шатор, го уапсила и го привела.
Мажот е роден во 2006 година во Лиеж, Белгија, и претходно им бил познат на судските органи за кражба, тешка кражба и употреба на дрога.
Тој веќе бил осуден на осум месеци затвор во 2025 година за кражба со насилство.
Повредената жена била згрижена од противпожарната и спасувачка служба.
Според извештаите на медиумите, таа претрпела шок и се пожалила на болки, особено во вратот.
Областа Роза Парк, на границата на 19-от арондисман на Париз и градот Обервилиер, се соочува со проблеми поврзани со несигурноста и присуството на голем број зависници од дрога, вклучително и мигранти.
Многу од нив живеат во Северната линеарна шума.
Поради безбедносни причини, BNP Paribas премести околу 2.000 вработени од округот во Левалоа-Пере и Нантер, во департманот Гор де Сен, кон крајот на 2025 година.
Пред тоа, банката ангажираше чувари за да ги следат вработените, а нејзината зграда се наоѓаше спроти зградата на Министерството за правда, која сè уште е во употреба.











