четврток, октомври 8, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Наместо за странски инвестиции, да се отвараат домашни компании за да се...

Наместо за странски инвестиции, да се отвараат домашни компании за да се задржат младите

Странските инвестиции се потребни, но треба да има поголем фокус врз домашното претприемаштво, поврзувањето на домашните компании со странските инвеститори и создавањето повеќе можности за младите. Светска банка оценува дека досегашниот модел, базиран на приватната потрошувачка и на странските директни инвестиции со висок увозен интензитет, постепено ги достигнува своите граници, поради што се потребни повеќе инвестиции во домашните компании, продуктивноста и во производствените и технолошките капацитети

14

Македонија треба да го менува моделот на економски раст и да се насочи кон поттикнување на домашното претприемаштво наместо да го потпира развојот претежно на странски инвестиции со ниска додадена вредност и со ограничен ефект врз продуктивноста. Светска банка оценува дека досегашниот модел, базиран на приватната потрошувачка и на странските директни инвестиции со висок увозен интензитет, постепено ги достигнува своите граници.

Според извештајот на Банката, треба да има поголем фокус врз создавањето и развојот на домашни приватни компании, зголемувањето на продуктивноста и инвестициите во производствените и во технолошките капацитети. Таквиот пристап би можел да создаде поконкурентна домашна економија, повеќе и подобро платени работни места и поголеми можности за младите, што би придонело и за нивно задржување во земјата. Светска банка предупредува и за високата концентрација на економската активност – во 10 од 14 сектори, најголемите компании контролираат повеќе од половина од приходите. Слабата конкуренција, владеењето на правото и корупцијата дополнително го ограничуваат подобрувањето на деловното опкружување и на инвестициите.

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, оценува за весникот ВЕЧЕР дека државата наместо да ги поттикнува домашното претприемаштво и приватните инвестиции, се потпира на државни и на странски инвестиции, кои, според него, не носат доволен економски ефект.

– Странските инвестиции ѝ се потребни на секоја земја и се потврда дека таа е добра за водење бизнис. Но, не е важно само да се донесат инвестиции туку и какви инвестиции се привлекуваат. Нам не ни требаат странски инвестиции со ниска додадена вредност, туку инвестиции што ќе ја зголемат економската активност и ќе го забрзаат развојот. Никогаш не направивме вистинско поврзување на домашните и на странските компании за заеднички настап на странските пазари. Во исто време, недоволно инвестираме во најголемите потенцијали што ги имаме: земјоделството, енергетиката и туризмот – вели Бошков.

Според него, проблемот е што вложува Македонија значителни средства, но не добива соодветен економски раст.

– Инвестициите во патната и во железничката инфраструктура се реализираат, но дел од нив нема да го дадат очекуваниот ефект во следните пет или десет години. Наместо да ги поттикнуваме претприемаштвото и отворањето и развојот на домашни приватни компании, ние ги насочуваме ресурсите кон државни инвестиции и даваме средства за странски инвестиции што немаат доволен ефект врз економијата. Тоа е еден од клучните проблеми за нашиот економски развој – додава Бошков.

Кирил Миноски поранешен министер за финансии за весникот ВЕЧЕР посочува дека Светска банка не го доведува во прашање значењето на странските инвестиции, туку укажува на недоволна поврзаност на странските инвеститори со домашната економија.

– Не станува збор за тоа дека странските инвестиции немаат ефект, туку дека нивните врски со домашната економија сè уште се недоволно силни. Домашните компании имаат мало учество во синџирите на снабдување на странските инвеститори, поради што не ги користиме во доволна мера придобивките од трансферот на технологијата и знаењето, како и можноста за зголемување на продуктивноста. Затоа фокусот не треба да биде само на тоа колку странски инвестиции ќе привлечеме туку и колку домашни компании ќе станат нивни набавувачи и колку домашна додадена вредност ќе создаваат тие инвестиции – вели Миноски.

Економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека странските инвестиции имаат значење за домашната економија, но прашањето е колкав е нивниот реален ефект во однос на поддршката што ја добиваат од државата.

– Тие компании вработуваат голем број луѓе, остваруваат значајни приходи и придонесуваат преку платите, даноците, набавките и соработката со домашните компании. Прашањето е колку има домашната економија дополнителна корист од тие инвестиции и дали е оправдана и мерлива нивната државна поддршка. Токму тука е потребна поголема транспарентност. Не можеме прецизно да го оцениме ефектот ако немаме доволно информации за средствата што ги издвојува државата за привлекување и за поддршка на странските инвеститори. Секаде во светот државите им даваат одредени бенефиции на инвеститорите, но тие треба да бидат јасно дефинирани, транспарентни и доделени врз основа на однапред утврдени критериуми. На тој начин може да се измери што добива државата, а што добива инвеститорот – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Странските инвестиции се потребни за македонската економија, но паралелно со нивното привлекување, потребно е многу посилно да се поттикнуваат домашното претприемништво и отворањето и развојот на домашни приватни компании. Поголемиот и поконкурентен домашен приватен сектор, поврзан со странските инвеститори и вклучен во нивните синџири на снабдување, може да создаде поголема домашна додадена вредност и да обезбеди посилна и одржлива економска основа за понатамошен раст.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ