Од 1 јануари 2028 година, во Србија ќе биде задолжително џемовите, мармаладите и желеата да содржат поголем удел на овошје. Според новиот Правилник за квалитет, во еден килограм производ ќе треба да има најмалку 450 грама овошна каша или пире наместо досегашните 350 грама.
Кај екстра џемовите, задолжителната количина се зголемува од 450 на 500 грама овошје на килограм производ. Правилникот стапува во сила на 10 октомври, но целосната примена почнува од 2028 година, со преоден период за производителите.
Новите правила ќе ги засегнат и македонските производители што извезуваат во Србија. Кај нас, минималниот удел е 350 грама овошје на килограм производ, а кај екстра џемот 450 грама, што значи дека производителите ќе треба да го приспособат составот на производите за да продолжат со извозот.
Според официјалните податоци, во 2025 година, од Македонија кон Србија биле извезени преработки од зеленчук, овошје и од јаткасти плодови – категорија во која спаѓаат и џемовите и мармаладите – во вредност од околу 34,33 милиони долари.
Новите стандарди затоа ќе бараат навремено приспособување на производството и на декларациите за да го задржат македонските производители српскиот пазар.












