Легендарната американска скијачка Линдзи Вон (42) се подготвува за деветтата операција по тешкиот пад на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. Осум месеци по несреќата што можеше да има трагичен исход, искусната спортистка повторно ќе мора да легне на операционата маса, а овој пат се надева дека конечно ќе стави крај на долгата медицинска битка.

Во интервју за „Форбс“, Вон откри дека лекарите планираат да ги отстранат металните импланти од нејзината лева нога и конечно да го санираат предниот вкрстен лигамент на коленото.

  • Планот е да се извадат сите метални делови, конечно да се санира лигаментот и, се надевам, ова ќе биде мојата последна операција, изјави американската шампионка.

Нејзината голгота започна во февруари 2026 година, кога реши да настапи во олимпискиот спуст и покрај тоа што само неколку дена претходно го скина предниот вкрстен лигамент на левото колено. Само 13,4 секунди по стартот, при минување низ една од портите, ја загуби контролата и доживеа страшен пад на патеката „Тофане“.

Вон беше исфрлена во воздух, а потоа силно удри во ледената подлога. Поради сериозноста на повредите, веднаш беше пренесена со хеликоптер во болница, каде што лекарите утврдија сложени скршеници на две коски во долниот дел од левата нога. За стабилизирање на повреденото место беа вградени три метални плочи и дури 20 завртки. Но, тоа не беше крајот на нејзините проблеми. Непосредно по првата операција, Вон мораше итно да биде подложена и на фасциотомија, медицинска интервенција со која се намалува опасниот притисок во мускулните оддели. Таа развила акутен компартмент-синдром, состојба која може сериозно да го наруши протокот на крв и да предизвика трајни оштетувања.

Хирургот Томас Хакет од Колорадо ја извршил сложената процедура која, на крајот, ѝ ја спасила ногата од ампутација. Поради сериозноста на скршениците, лекарите морале да почекаат да зараснат коските пред да можат да го решат проблемот со лигаментот.

И покрај сите тешкотии, Вон не се откажува од спортот и од активностите што ѝ носат радост. Неодамна сподели видео на кое ужива во возење хидрофоил, опишувајќи го искуството како голем чекор во процесот на закрепнување.

Пред неа, сепак, претстои уште долг период на закрепнување. По претстојната операција, очекува околу четири недели да користи патерици, а потоа ја чека најмалку шестмесечна рехабилитација.

  • Знам дека по оваа операција некое време нема да можам да го правам ова – ниту многу други работи – но знам дека ќе им се вратам. Еден ден, сигурно ќе им се вратам, истакна Вон.

Линдзи, во 2010 година испиша историја, станувајќи првата Американка што освоила олимписко злато во спуст. Сега, по една од најтешките битки во животот, нејзината најголема победа е повторно да може да ги прави работите што ги сака.

ИЗДВОЕНИ