За првпат, вискито ќе помине низ процес на зреење во вселената како дел од експеримент чија цел е да се измери како овој пијалак старее во средина надвор од Земјината атмосфера.
Инженери од Шкотска и Јапонија планираат лансирање на ракета во 2028 година за да испратат сателит во Земјината орбита, кој ќе носи примероци од пијалакот и неговите основни состојки како дел од петгодишна мисија.
Експертите се надеваат дека честите флуктуации помеѓу екстремната топлина и студот – на кои вискито ќе биде изложено додека кружи околу планетата на секои 90 минути – би можеле да го забрзаат процесот на зреење.
Ова потенцијално би можело да го отвори патот за идно производство на виски созреано во вселената; главниот научник очекува пијалакот да има многу карактеристична арома поради своето необично патување.
Иако таквото виски би имало астрономска цена поради трошоците за лансирање и враќање, познато е дека страсните колекционери веќе плаќаат стотици илјади за некои од најретките шишиња.
Жил Бејли од Универзитетот во Глазгов изјави дека неколку студенти отпатувале од Шкотска во Јапонија за да помогнат во дизајнирањето на таканаречениот сателит „CubeSat“, кој ќе носи мали примероци од виски и неговите состојки.
Се очекува ова истражување да даде увид и во функционирањето на орбиталните фабрики, што потенцијално би овозможило развој на молекули на лекови кои тешко се произведуваат на Земјата.
Тековниот план за експериментот вклучува лансирање на сателитот во 2028 година како дел од мисијата на „СпејсЕкс“ за снабдување на Меѓународната вселенска станица, по што тој би бил пуштен во орбитата од јапонскиот модул на станицата.
Научното разбирање за процесот на „дишење“ на вискито за време на созревањето во дрвени буриња сè уште е ограничено, истакна Баји, но овие циклуси би можеле да се одвиваат многу побрзо во вселената, со оглед на тоа што температурите таму можат драстично да варираат – од минус 150 до плус 200 степени.
Алкохолот во минијатурниот сателит ќе биде следен во текот на целиот престој во вселената, а податоците за неговата боја и хемиски состав ќе се пренесуваат до научниците на Земјата, пренесува „Танјуг“.












