
Најмалку 14 луѓе загинаа, а 84 се повредени во судир на меѓуградски и приградски воз во близина на индонезиската престолнина Џакарта, соопшти државната железничка компанија „ПТ Керета Апи Индонезија“.
Несреќата се случила кога во понеделникот вечерта на станицата Бекаси Тимур, меѓуградскиот воз „Арго Бромо Ангрек“ удрил во задниот дел на приградски воз „КРЛ Комјутер Лајн“, кој според првичните информации нагло застанал. Сите 14 жртви се од приградскиот воз. Многу од нив биле во вагонот за жени, додека патниците од меѓуградскиот воз минале без потешки повреди.
Поради силниот удар, голем број патници останале заробени во вагоните до утринските часови. Директорот на железничката компанија, Боби Расидин, изјави дека евакуацијата на заробените паници се вршела до вторникот изутрина. Повредените биле згрижени во повеќе медицински установи во околината, а телата на загинатите биле пренесени во болницата РС Полри Крамат Џати за идентификација.
Полицијата и надлежните служби сè уште ги утврдуваат сите околности.











