Училишниот крос што требаше да се одржи денеска, на спортскиот аеродром „Аџи Тепе“ во Куманово, поради лошите временски услови, најавата за дожд, е презакажан за утре.
Во О9:30 часот ќе има организиран превоз за секое училиште до „Аџи Тепе“ и назад до училиштето, информираат од Општинскиот сојуз за училиштен спорт – Куманово, кој е организатор на настанот. Настанот ќе ги обедини учениците од сите основни и средни училишта од Општината, кои ќе имаат можност да се натпреваруваат во повеќе категории.
Собирот на учесниците е закажан за 10:00 часот, додека стартот на трките е во 10:30 часот. Натпреварувањето ќе започне со најмладите ученици, а ќе продолжи по возрасни категории, до најстарите средношколци. Учениците ќе се натпреваруваат на различни дистанци, зависно од возраста – од 200 метри за најмладите (трето одделение), па сè до 1.200 метри за средношколците.
Право на учество имаат и учениците и ученичките, а бројот на пријавени натпреварувачи не е ограничен.
За најуспешните натпреварувачи се предвидени награди: медали, маици и дипломи, кои ќе бидат доделени за првите три места во секоја категорија.
Настанот има цел поттикнување на спортскиот дух и на здравите навики кај младите.












