Полека атмосферата над Македонија ќе започне да се дестабилизира, а со ова започнува и постепената промена на времето која Славчо Попоски ја најави во своите претходни метео анализи. На ден среда (9 септември) во претпладневните часови во Македонија времето останува стабилно, сончево и многу топло.
Сепак во попладневните часови локално ќе се развиваат конвективни облачни грмотевични јадра од кои очекувам појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради големата енергија во атмосферата и тоа поради долготрајниот топлотен бран кој ја зафати нашата територија изминатиот период, локално атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со услови за појава на град.
И во делови од Скопскиот регион и од котлината во среда (9 септември) во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и со услови за појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни електрични празнења и со услови за појава на град.
Токму поради ваквата ситуација, апелирам на поголема внимателност кај граѓаните, односно во случај на појава на невреме и на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
И понатаму останува многу топло со температури значително над просекот за овој период од годината, и тие ќе бидат повисоки од просечните за 6 до 8 степени, па така на ден среда (9 септември) температурите во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од 27до 35 степени. Во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 35 степени.












