Во Музејот на Македонија, вечерва (5 ноември), со почеток во 19:00 часот, ќе се отвори ретроспективната изложба на македонското куклено наследство „Тивки актери, гласни приказни“.
Изложбата претставува ретко ретроспективно патување низ децениите на македонското кукларство. Од историските почетоци во 1946 година со визијата на Светлана Малахова, па сѐ до современите дизајни на Театарот за деца и младинци, оваа поставка го слави кукленото творештво не како минлива игра, туку како комплексна и рамноправна уметничка дисциплина. Пред куклата да го започне својот сценски живот, пред воопшто да ѝ биде позајмен глас, таа веќе поседува сопствен естетски и емотивен карактер. Ослободени од сценската динамика и изложени во галерискиот простор, овие кукли не ја губат својата драмска функција, нивната неподвижност е само драмска пауза, а нивната тишина најгласниот говор на формите.
Автор на изложбата, што ќе биде поставена до 29 ноември, е Љубица Велкова, продукцијата е на театар „Сенки и облаци“, куратор е Јасминка Намичева, стручен соработник – Кирил Василев.












