Германската влада усвои уредба – и покрај острите критики – со која се преполовува годишната квота за работници од Западен Балкан кои имаат олеснет пристап до германскиот пазар на трудот. Според извештаите на медиумите, квотата ќе се намали од 50.000 на 25.000, почнувајќи од 2027 година.
Уредбата, која беше усвоена на вчерашната седница на владата, сепак бара одобрување од мнозинството во горниот дом на германскиот парламент, каде што се застапени германските сојузни покраини.
Покрај неколку големи индустриски здруженија – кои истакнаа дека зависат од странска работна сила – на одлуката на владата се спротивставуваат и седум сојузни покраини. Меѓу нив се Баварија, Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Хесен.
Од деловните здруженија, најгласни во јавните критики кон владата се секторите за градежништво, угостителство и логистика, како и чадор-организациите за лица кои се грижат за болни и немоќни лица.
Конфедерацијата на германски здруженија на работодавачи (BDA) исто така го критикуваше предлогот – уште додека беше во фаза на нацрт во Министерството за труд – барајќи квотата целосно да се укине, наместо само да се преполови.
Од BDA предупредија дека голем број барања остануваат нерешени, а тие ќе мора да бидат одбиени од 1 јануари 2027 година, што ќе остави бројни работни места непополнети.
И Сојузната агенција за вработување го оцени потегот на владата како погрешен чекор. Во октомври, Агенцијата објави дека повеќе од еден милион луѓе од Западен Балкан се вработени во Германија, со целосни придонеси за социјално осигурување. Од нив, 53 отсто се вработени како квалификувани или висококвалификувани работници, а половина извршуваат работни задачи за кои на германскиот пазар нема доволно работна сила.
Одлуката за намалување на годишната квота за лица од Западен Балкан – кои уживаат повластен пристап до вработување во Германија – е дел од коалицискиот договор по изборите, склучен меѓу владејачките демохристијански партии (CDU и CSU) и Социјалдемократската партија (SPD). Иницијативата, која потекнува од конзервативната CDU, имаше за цел да привлече невработени лица за пополнување на слободните работни места во Германија.












