Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија ја очекува нов предизвик во ноемврискиот циклус од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. По гостувањето во Букурешт и дуелот со Романија, избраничките на селекторот Виктор Петровски се подготвуваат за првиот домашен натпревар, против селекцијата на Естонија.

Средбата е закажана за денеска со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип. Македонските кошаркарки ќе имаат можност да покажат напредок пред домашната публика и да се обидат да стигнат до позитивен резултат, по поразот во Букурешт од 73:52.

Во пресрет на овој дуел, посебна порака испрати младата репрезентативка Ана Милованова, за која настапот во Букурешт имаше историско значење. Таа првпат го облече сениорскиот дрес на Македонија, а дебито го опиша како голема чест и задоволство.

Таа верува дека овој млад состав има потенцијал да напредува и дека најголеми квалитети на репрезентацијата се токму желбата, борбеноста и сплотеноста.

  • Натпреварот во Букурешт, за нас, беше добар старт и верувам дека оттука, со нашите најголеми адути – желбата, борбеноста и сплотеноста – ќе одиме само напред и кон подобро. Верувам дека ќе го покажеме токму тоа и на следниот натпревар во Штип, против Естонија – порача Милованова.

Таа воедно упати повик до љубителите на кошарката да дојдат во салата и да им дадат поддршка на македонските репрезентативки.

Поддршката од трибините може да биде дополнителен мотив за младата македонска селекција во обидот да прикаже квалитетна игра и да се наметне против Естонија. В сабота, Штип ќе биде центар на женската кошарка, а репрезентативките очекуваат домашната публика да биде нивниот шести играч.

ИЗДВОЕНИ