Повеќе од 15.000 посетители беа дел од првите три вечери на Aero Street Food Festival, кој од 04.09.2026 година се одржува во паркот „Авионче“, под покровителство на Општина Аеродром.
-Големата посетеност, богатата гастрономска понуда и разновидната музичка програма уште еднаш го потврдија Аеродром како препознатливо место за современи урбани настани и дружење на сите генерации – соопштија од Општина Аеродром.
Фестивалот започна на 04.09.2026 година, со настапот на ДЏ Милан Серафимов, по што на сцената се претставија The Ringtones. Првата фестивалска вечер ја заокружи ДЏ Александар Јорданов, кој со својот сет ја задржа разиграната публика до самиот крај на програмата.
-Во саботата, на 05.09.2026 година, паркот „Авионче“ беше исполнет со посетители од сите делови на Скопје, но и од други градови во Македонија. Особено голем интерес предизвика понудата на 20. гастрономски брендови, пред чии штандови постојано се чекаше за различните специјалитети од домашната и светската кујна – нагласуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека вчера, бендот Dopamine приредил енергичен настап и целосно ја освои публиката.
-Забавата продолжи со ДЏ Ризински, кој со ретро музика и познати светски хитови го претвори фестивалскиот простор во голема журка на отворено – наведуваат од Општина Аеродром.
Aero Street Food Festival продолжува денес и утре со последните две вечери од годинашното издание.
Вечерва, публиката ќе ја забавуваат диџеите од Fluere и бендот South Park.
-Големото финале на 8 септември ќе започне со DЏ Фичо и ДЏ Гардиан, по што Acoustic Division ќе приреди специјална музичка програма, а фестивалот ќе го затворат Sure Shotz – најавуваат од локалната самоуправа.
Од Општина Аеродром ги покануваат граѓаните да бидат дел од последните две фестивалски вечери и да уживаат во разновидната храна, домашната музика и урбаната атмосфера во паркот „Авионче“.
Фестивалскиот простор се отвора во 17:30 часот, музичката програма започнува во 19:30 часот, а влезот е бесплатен.











