Со 71 глас „за“ и 11 против, пратениците во македонското Собрание денеска ги избраа Адмир Шабани за заменик-министер за одбрана, а Дритон Сулејмани за заменик-министер за образование и наука. Премиерот Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, истакна дека изборот на двајцата заменици-министри е решение што не е само кадровска одлука туку и дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите и враќање на довербата во државата.
– Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе што имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе што ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани – рече Мицкоски.
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, го критикуваше изборот на Шабани и на Сулејмани, посочувајќи дека се работи за политичка одлука на Владата која го фаворизира партискиот интерес наместо стручноста.
– Се предлагаат партиски луѓе во ресорите што се клучни за државата. Тие сега извршуваат функција на портпароли и се предлагаат за да се задоволат коалициските потреби. Ресорите одбрана и образование бараат професионалност. Очекувавме дека заменик-министерот за образование ќе биде лице со докажана експертиза во образовните политики, со солидни искуства и со јасна визија, но неговото CV на две страници не го потврдува тоа. Напротив, тие две страници се сосема доволни да се потврди неговата некомпетентност за позицијата што му се доверува. Ресорот одбрана, пак, е стратешки ресор, кој бара професионалност, доверба и лидерство, а предложениот заменик-министер за одбрана има комуникациски вештини, што не е доволна квалификација за позиција што директно влијае на националната безбедност – рече таа.
За Шабани и за Сулејмани зборуваа пратеничките на Беса, Мимоза Муса и Имрлије Салиу Фетаи, кои сметаат дека тие се професионалци, кои со своите квалификации ќе дадат придонес во овие сектори.












