Приказната за Михаел Шумахер ги фасцинира фановите на Формула 1 со децении, но новиот филм носи поинаква перспектива на неговото патување до врвот. Наместо трофеи, доминација и рекорди, фокусот е на самиот почеток, момент кога речиси никој не знаеше кој е младиот Германец кој наскоро ќе го освои светот.

Филмот „Кајзер“ нè враќа во 1991 година и Големата награда на Белгија, каде што Шумахер ја доби својата прва шанса во Формула 1. Таа шанса не дојде преку планиран развој или долгорочен проект, туку речиси случајно, откако возачот на Џордан, Бертран Гашо, мораше да пропушти трка.

Тогаш Шумахер влезе како замена, без многу искуство и без значително познавање на патеката Спа-Франкоршамп. Сепак, она што следеше го изненади целиот падок и наговести за доаѓањето на нешто посебно.

Во квалификациите, тој го постигна седмото најбрзо време, што за дебитант во такви околности беше исклучителен резултат и јасен сигнал дека е исклучителен талент. Иако не ја заврши трката поради технички проблем, неговиот настап беше доволен за да го привлече вниманието на најголемите тимови и да му отвори врата кон понатамошна кариера.

Филмот го прикажува токму тој викенд како пресвртница, не само за Шумахер, туку и за самата Формула 1.

Авторите на проектот одлучија да не снимаат класичен биографски филм, туку накратко да покажат како изгледа моментот кога се раѓа легенда.

„Кајзер“ трае околу 20 минути и е наменет како вовед во потенцијален поголем филмски проект што би можел подетално да ја опфати неговата кариера во иднина.

Режисер е Лубо Маринов, кој нагласи дека најмногу го интересирало како размислувал и реагирал Шумахер во тие први моменти под огромен притисок. Во филмот ќе бидат прикажани и луѓето кои одиграле клучна улога во неговото доаѓање во Формула 1, вклучувајќи ги Еди Џордан и неговиот менаџер Вили Вебер. Посебен акцент е ставен на атмосферата од тоа време, соперништвото и околината во која настапувале најголемите возачи, вклучувајќи го и Аиртон Сена.

Со комбинирање на вистински настани и филмска драматизација, се обидува да пренесе колку значајно било тоа деби и колку брзо ја променило перцепцијата за Шумахер.

„Кајзер“ е закажан да излезе на есен и веќе привлекува големо внимание кај фановите на Формула 1. За разлика од претходните документарци, овој филм не ги слави успесите што дојдоа подоцна, туку се враќа на почетокот и се обидува да одговори на прашањето како всушност се создава легенда. Затоа што токму во тој еден викенд, во неочекувана пригода, започна приказна што ја промени историјата на Формула 1.

ИЗДВОЕНИ