Демографските промени се реалност што бара одговорност, визија и системски политики, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува денеска во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата. Премиерот нагласи дека демографската криза веќе има видливи последици и дека таа не смее да се третира исклучиво како прашање на статистика. Тој оцени дека досегашниот пристап, фокусиран главно на бројки, создал политики без долгорочна визија и вистинско влијание.
Тој потенцираше дека основата на стратегијата е вложувањето во луѓето и испрати порака за личната и колективната одговорност.
– Конечно сите ние треба да си го поставиме прашањето што можеме ние да направиме за татковината, а не што татковината може да направи за нас. Не можеме континуирано да го трошиме системот. Не можеме континуирано да го злоупотребуваме системот, а истовремено да бараме тој истиот систем да ни враќа со најдобри политики и најдобри услови. Мораме да бидеме свесни дека системот сме ние – и каков систем ќе изградиме, таков систем ќе ни врати – рече Мицкоски.
До младите упати порака дека треба да сонуваа дома.
-Не можеме да бараме работа во некои туристички земји, да контрибуираме во таа локална економија неколку месеци во годината и да плаќаме таму данок, а да бараме од нашиот здравствен систем бесплатно здравствено осигурување и да живееме со критика кон истиот тој систем кој што ние истите го измачуваме и истоштуваме. Не можеме ние да пишуваме прекувремени работни саати кои што не сме ги заслужиле и д аго трошиме тој ист буџет кој треба да го финансира тој систем кој што на нас треба да ни врати. Тоа не е фер. Треба да контрибуираме во домашната економија и да го градиме домашниот систем ако сакаме истиот тој систем да ни врати. Ако не, ќе се соочиме со оваа болна и тажна реалност. Затоа, мојата порака до младите кои што мислат дека неколку месеци некаде во некоја туристичка дестинација се доволни за да ја сонуваат својата иднина е дека грешат. Дома треба да сонуваме и да ја градиме заедничката иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома толку посилен систем ќе имаме. Немојте да контрибуирате некаде надвор, некаде во туѓа економија. Дома се гради иднина на вашата татковина – потенцира премиерот Мицкоски.












