Повик до премиерот Христијан Мицкоски заеднички да ги донесат уставните промени за внесување на Бугарите во македонскиот Устав и со кои ќе се деблокира процесот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, упати денеска Венко Филипче, лидерот на најголемата опозициска партија, СДСМ. Тој предупреди дека е очигледно дека процесот на проширување на ЕУ е повторно еден од приоритетите и нашата земја не смее да остане надвор од тој процес. Лидерот на опозициските социјалдемократи се обрати на вчерашната панел-дискусија во Собранието, на тема „Геополитичката димензија на проширувањето на ЕУ и импликации за Западен Балкан“. Тој повика на заедничко и одговорно дејствување за продолжување на европскиот пат на државата, предупредувајќи дека актуелниот момент е историска можност што земјата не смее да ја пропушти.
– Процесот на проширување повторно е високо на приоритетната листа на Европската Унија, доколку не се качиме на овој воз, можно е вратите со децении натаму да бидат затворени за Македонија. Како што била практиката во сите земји, во Хрватска, Бугарија и натаму, кога траеле преговорите, сите партии работеле заедно. Да знае дека ја споделуваме одговорноста за што било понатаму што ќе се случи во текот на преговорите. Прилично сум сигурен дека нема да се случи нешто што ќе задира во нашите идентитет, јазик и култура. Апелирам да не го пропуштиме моментот. Ќе останеме настрана, нема да имаме шанса, нема да можеме да преживееме. Нема да имаме пари од каде да земеме, ќе тонеме во сиромаштија, а младите ќе заминуваат од земјата. Упатувам јавен повик да го направиме чекорот, ја споделуваме сите заеднички одговорноста – порача Филипче.
Учествувајќи во дебатата, собранискиот потпретседател и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека треба да ја разбереме комплексноста на ЕУ и дека кај земјите членки постојат различни визии за идното проширување.
– Нам ни треба искреност од страна на Европа, а не движечка „мета“ во контекст на процесот на проширување. Сакаме да имаме кредибилна понуда, која ќе биде остварлива, не само за нас туку и за сите земји аспиранти – рече Милошоски.
Во однос на билатералните односи со Бугарија, Милошоски посочи дека последната официјална посета на претседател на бугарското Собрание во земјава била во 2008 година, додека последната официјална посета на претседател на македонското Собрание во Софија била во 2009 година.
– Парадоксално е што по потпишувањето на Договорот за добрососедство, имаме реалност што е спротивна на насловот на овој договор – истакна Милошоски.












