недела, јули 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИСПОЛНЕТАТА АГЕНДА ДОБИ ПРИЗНАНИЕ ОД БРИСЕЛ, НО ОТВОРИ НОВ ФРОНТ МЕЃУ ПАРТИИТЕ:...

ИСПОЛНЕТАТА АГЕНДА ДОБИ ПРИЗНАНИЕ ОД БРИСЕЛ, НО ОТВОРИ НОВ ФРОНТ МЕЃУ ПАРТИИТЕ: Ни европските милиони не успеаја да ги приближат власта и опозицијата за реформите

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска не го криеше задоволството од одлуката на ЕК и фактот дека Македонија добила најмногу пари во однос на другите земји од подрачјето на Западен Балкан, порача дека престојат „уште многу успеси на Владата“. Наспроти ова, од редовите на најголемата опозициска партија, СДСМ, дојдоа остри забелешки дека земјава, поради доцнењето на реформите, всушност, загубила многу пари, бидејќи можела да добие близу 200 милиони евра

439

Успех што не се случаен и е резултат на реализираните реформи, кои продолжуваат да се остваруваат во реалноста, со што се подобрува животот на граѓаните. Со вакви ставови претставниците на власта вчера го оценија одобрувањето на исплатата на 65,7 милиони евра за Македонија од страна на Европската комисија, како дел од нејзиниот План за раст за Западен Балкан, како финансиска поддршка за земјите кандидати врз основа на спроведените реформи. Тоа е највисоката сума што ѝ е доделена на некоја земја од ова подрачје, бидејќи Албанија доби 49 милиони евра, Црна Гора 44,2 милиони евра, додека на Србија и на БИХ не им се доделени средства. Европската комисија особено позитивно ги оценила промените што биле направени во Македонија во сферата на образованието и во дигиталната трансформација. Од обезбедените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони ќе бидат директно префрлени во државниот буџет, додека другите средства ќе бидат наменети за развојни и инфраструктурни проекти, во енергијата, дигитализацијата, образованието и човечкиот капитал.
Но, наспроти оцените на владините претставници, од редовите на опозициската партија СДСМ пристигнаа остри забелешки дека земјава, поради доцнењето на реформите, всушност, загубила многу пари, бидејќи можела да добие близу 200 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска не го криеше задоволството од одлуката на ЕК и фактот дека Македонија добила најмногу пари во однос на другите земји.
– За сите оние што се молат да не успее оваа Влада, а на тој начин се молат да не успеат и државата и граѓаните, за жал, имам лоша вест: ќе мора да сведочат на многуте успеси што ги прави оваа Влада. Имам лоша вест за овие глодачи, кои сѐ би дале оваа Влада да не успее и Македонија да не успее. Ќе мора да ги гледате успесите на Владата уште долго време, а наскоро и само пред малите екрани, бидејќи ќе бидете политичко минато – порача премиерот Мицкоски.

До крајот на годината, доближување до 100 милиони евра

Тој додаде дека се очекуваат позитивни вести и во претстојниот европски јунски извештај за исполнувањето на реформските обврски од страна на нашата земја.
– Фактите се дека рековме дека од последни во групата Западен Балкан 6 – ќе бидеме први. Се зафативме со жестока работа, веднаш по завршувањето на локалните избори и еве, веќе во оној јануарски извештај, ние сме први. Сега, на крајот од јуни, следува јунскиот извештај. Работиме на сите портфолија во рамките на Владата и очекувам да ја потврдиме оваа позиција и сега, по јунскиот извештај и овие триесетина, триесет и еден милион, кои се директна буџетска поддршка на крајот од годината, да се доближиме до бројката 100. Директна буџетска поддршка кога ќе се додадат на тоа и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така ќе продолжиме и во периодот што следува – нагласи македонскиот премиер.
Мицкоски потсети и на бројните обвинувања од страна на опозицискиот СДСМ, а кои не се потврдиле, за тоа дека наводно доцнеле реформите по интервјуто на евроизвестувачот Вајц, за тоа дека ќе дојде бран мигранти, за тоа дека ќе банкротира земјата…
– Но како и да е, целта на оваа Влада е да се бори за граѓаните, да го испорачува тоа што го ветила, истовремено да ги исправа сите оние погрешни политики што беа политики на ограбување, политики на грабеж, политики на понижување, себеомаловажување, коленичење. Тие политики оставија голема трага и, за жал, ние ќе мора уште некое време да се позанимаваме сето тоа што беше уништено за седум години Влада СДСМ и ДУИ, да го коригираме и сега сме прилично успешни во тоа – беше категоричен премиерот Мицкоски.

Почитувани рокови

Денеска и владиниот вицепремиер, Беким Сали, потенцираше дека доделените средства се најдобар доказ за исполнувањето на реформите во нашата земја.
– Овој успех не дојде случајно. Овој успех е резултат на координираната работа на институциите, на посветеноста на администрацијата, на политичката одговорност и на решителноста реформите да не останат само на хартија, туку да донесат конкретни резултати за граѓаните. Денеска можеме со целосна одговорност да кажеме дека влегуваме во нова фаза на институционално функционирање, каде што резултатите се мерат преку конкретна реализација, ефикасност и способност да ги исполниме обврските што ги преземаме – рече Сали.
Според него, во третиот извештаен период државата пријавила 21 реформски чекор, при што 16 чекори од нив се позитивно оценети. Особено било значајно што три чекори се реализирани пред предвидениот рок и што јасно укажувало дека институциите работат на исполнување на роковите и дека се целосно ангажирани на реформите и на нивната реализација.
– Во овој мониторинг-циклус беа мониторирани вкупно 44 реформски чекори. Од 29 чекори со рок до крајот на 2025 година, значителен дел веќе се реализирани. Додека институциите продолжуваат да работат и на чекорите што се со грејс-период до јуни и декември 2026 година. Она што е важно е дека државата се позиционира меѓу најуспешните земји во регионот во однос на реализацијата на реформската агенда. Резултатите не се апстрактни и тие се видливи во конкретни области. Денеска имаме нова методологија за финансирање на основното и на средното образование, Интернетот и ИТ-опрема во 160 основни училишта, унапредување на дигиталните услуги и на електронската идентификација, реформи во управувањето со јавните финансии, поголема институционална транспарентност – нагласи Сали.
Зборувајќи околу исполнувањето на роковите, вицепремиерот рече дека се почитуваат тие.
– Сите точки имаат рокови и грејс-период од 12 месеци. Некои точки се во редовен рок, а некои во грејс-период. Сега, на пример, за оваа транша и оваа група точки што треба да ги исполниме, влезени сме во грејс-период што требаше да биде исполнет до крајот на јуни 2025 година. Ние ги исполнивме пред крајот на јуни 2026 година, што повторно се смета за исполнување во редовен рок. Ние ја следиме динамиката и да нема застој во исполнувањето. Ова не значи дека е завршена работата. Напротив, ова е дополнителен мотив да продолжиме со уште посилно темпо. Во наредниот период нè очекува сериозна работа – порача вицепремиерот задолжен за европски прашања.

СДСМ обвинува за креирање лажна слика

Наспроти ова, лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, денеска обвини дека со неспроведување на реформите, Владата на Мицкоски го блокира европскиот план на државата, ја лишила Македонија од речиси 200 милиони евра европски средства.
– Наместо 134 милиони евра, плус 60 милиони од незавршените обврски од 2024 година, сега ние да ги добиеме, ако оваа Влада имаше вистинска намера и капацитет и работеше добро, можевме да добиеме близу 200 милиони евра, а добиваме само 65 милиони – рече Филипче.
Тој предупреди дека постои ризик државата да остане надвор од идните европски буџетски рамки.
– Сакам да укажам и да ги предупредам граѓаните да бидат свесни дека ова, можеби, се едни од последните пари што ги добиваме од ЕУ. Сега, кога ЕУ ги прави следните буџети, кои се прават за седумгодишни периоди, а ние не правиме чекор напред кон ЕУ, можно е воопшто да не влеземе во нејзиното ново буџетирање – потенцираше Филипче.
Тој ја обвини власта дека креира лажна слика во јавноста.
– Ако ние имаме простор да заработиме, односно да добиеме над 200 милиони евра од ЕУ, а сме добиле само 60, воопшто не е битно дали некоја друга земја има повеќе или помалку од нас. Ете, тоа е суштината на пропагандата, лажните вести и креирањето лажна слика за која оваа власт сака да се зборува. Во 2024 година завршени се само близу 50 отсто од реформите. Во првата половина на 2025 година, 25 проценти од реформите, а во втората половина, заклучно со 10 декември 2025 година, само 16 отсто од реформите. Тоа што сме зеле само 60 милиони од можни 200 зборува дека Владата на Христијан Мицкоски не работи на европскиот пат – посочи Филипче. (Б. Ѓ.)

Од 10, се очекува исполнување на 9,5 точки

Опозицискиот СДСМ деновиве, преку секојдневни партиски соопштенија, постојано ја потсетува власта дека на 1 јуни истекува рокот за реформите, кои, според нив, нема да се завршат. На ова вчера одговори вицепремиерот Беким Сали, дека рокот е подолг.
– Рокот за исполнување на чекорите е до крајот на јуни и по тоа имаме уште 15 дена рок за комплетирање на сите документи за да се достават до ЕК. Така, имаме рок од месец и десет дена. Меѓутоа, вистина е дека Владата си поставила рок на себе до почетокот на јуни, пред самитот во Тиват, максимално да ги исполни чекорите. Технички ние имаме уште 25 дена. Така има рок и не сме на црвената линија. Сега, очекуваме од 10 точки, да исполниме 9,5 точки и да бидат во ред. Останува да се види како ќе се третира таа точка, за која е потребна поголема динамика, од ЕК, дали како половина точка или нема да го земат тоа предвид – објасни Сали.

 

ИЗДВОЕНИ