Дваесеттите Медитерански игри во Таранто, Италија, официјално започнуваат на 21 август и ќе траат сè до 3 септември. Претстојниот спортски настан носи рекордна македонска делегација којa брои вкупно 130 членови. На Игрите ќе учествуваат вкупно 3.854 спортисти од 26 земји.

Во индивидуалните спортови ќе се натпреваруваат во атлетика, бадминтон, бокс, велосипедизам, коњички спортови, мечување, ритмичка гимнастика, џудо, карате, стрелаштво, пливање, теквондо, тенис, триатлон и борење – слободен стил.

Во екипните спортови, македонските бои ќе ги бранат женските репрезентации во ракомет и одбојка, машката репрезентација во баскет 3х3 и машката фудбалска репрезентација до 21 година.

На терените во Таранто ќе се борат околу 90 македонски спортисти. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во 19 различни спортови. Меѓу нив се индивидуалните дисциплини како карате, бокс, борење, атлетика, стрелаштво, пливање, џудо и други.

Медитеранските игри се одржуваат на секои четири години и се сметаат за најзначаен повеќеспортски настан во Медитеранскиот Регион по Олимписките игри. Покрај спортскиот натпревар, нивната цел е да ги зајакнат пријателството, дијалогот, соработката и солидарноста меѓу младите спортисти од различни земји.

Манифестацијата која започнала во Александрија пред 75 години продолжува да ја исполнува својата првична идеја: преку спортот да се создаде простор каде што различните јазици, култури и традиции не се пречка, туку дел од заедничката медитеранска приказна.

ИЗДВОЕНИ