Згаснувањето на „Автоатом“ од Кочани е уште еден удар врз автобускиот превоз во источниот дел на државата, каде што бројот на редовни линии и на локални превозници со години се намалува. За граѓаните без сопствен автомобил, особено за оние што мора да патуваат на лекар во Скопје, патувањето станува проблем поради дополнителните трошоци, договорите со приватните превозници и снаоѓањето од ден за ден. Додека Кочани останува без својот матичен превозник, жителите од Истокот очекуваат институциите да обезбедат редовна и достапна транспортна врска со Штип и со Скопје
Последното возење на автобусот на компанијата „Автоатом“ од Кочани, кое беше на 20 септември, на редовната линија Скопје – Кочани со тргнување од скопската автобуска станица во 18:30 часот, стави крај на една повеќедецениска транспортна приказна. Со тоа, Кочани остана без својот матичен превозник, а заедно со автобуските линии заминаа во историјата и туристичката агенција „Автоатом“, како и автобуската станица во градот.
Одлуката за ставање клуч на вратата доаѓа по неколкугодишна борба со проблеми: драстичниот пад на патувањата по пандемијата, нелојалната конкуренција, дивиот превоз, како и континуираното иселување од Источниот Регион. Дел од вработените беа прогласени за технолошки вишок, додека некои брзопотезно побараа леб кај други превозници.
Но, затворањето на „Автоатом“ не е осамен случај. Тоа е само уште едно домино во низата што паѓа на истокот од државата. Претходно згаснаа или ги прекинаа своите редовни линии превозниците како „Злетовотранс“, „Балкан експрес“ (кој имаше корени уште од 1977 година), додека „Беровотранс“ ги прекина своите редовни линии уште на 30 март 2020 година, со самиот почеток на пандемијата.
Како што згаснуваат официјалните автобуски линии така граѓаните од Источниот Регион се принудени самите да бараат алтернатива, посебно оние што немаат сопствен автомобил, а имаат итни здравствени потреби и мора да стигнат до скопските клиники. Како замена за некогашните сигурни автобуски линии, во регионот процвета мрежа од комбиња и од приватни автомобили што возат по претходен договор, собирајќи ги патниците буквално од нивниот домашен праг и носејќи ги директно пред влезовите на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
– За да стигнам во 8:00 часот наутро на Клиниката за кардиологија во Скопје, порано морав да фатам автобус во 5:00 наутро, а сега го нема ни тоа. Сега се организираме преку телефон. Доаѓа човек со автомобил пред куќа, во 5:30 наутро, нè собира четворица пациенти од Кочани и од Штип и нè носи директно пред болница. Ни зема по 500-600 денари во еден правец. Скапо е за пензионер, ама кога немаш автобус, тоа ти е единствениот начин да не го испуштиш прегледот што си го чекал со месеци, преку „Мој термин“ – раскажува 68-годишниот Трајче од Кочани.
Слична е ситуацијата и во другите градови од овој дел на државата.
– Од Делчево и Пехчево, ако треба да одиш на лекар во Скопје, автобусот е научна фантастика. Или ќе платиш комбе што вози редовно за таа намена и те чека додека завршиш со прегледите за да те врати назад или треба да молиш роднини да те возат. Ако немаш автомобил, ти си буквално отсечен од здравствениот систем – коментира една Малешевка.
Проблемот со изолацијата на Истокот станува уште појасен кога ќе се погледнат официјалните податоци на Министерството за транспорт и врски. Според последната конечна распределба на меѓуопштинските автобуски линии, објавена во јануари 2026 година (базирана на апликации од ноември 2025 година), јасно се гледа големата географска диспропорција. Во постапката за меѓуопштински линиски превоз, аплицирале вкупно 15 превозници, додека за меѓународен превоз аплицирале 23 превозници (вкупно околу 32 различни правни субјекти).
Но, анализата на мапата на регистрирани меѓуопштински превозници покажува поразителна слика за Источниот Регион:
Во Западниот и во Југозападниот Регион доминираат со бројност и фреквенција: „Галеб“ (Охрид), „Класик компани“ (Охрид), „Балетурс“ (Охрид), „Еуробус“ (Струга), „Еуролинија“ (Струга), „Мартиноски“ (Струга), „Идотоурс“ (Тетово), „Радика превоз НСР“ (Центар Жупа), „Метротранс“ (Долнени).
Северот и централниот дел ги покриваат превозници како „Македонија сообраќај“ (Скопје), „Дора турист“ (Куманово), „Јоцотурс МС“ (Куманово) и „Дајотурс“ (Неготино). Додека Истокот на државата е сведен на само неколку оперативни имиња: „Струмица експрес“ (Струмица) и „Маттранс 2022“ (Берово).
Иако на одредени меѓуградски релации како Штип – Радовиш или Штип – Струмица повремено возат и превозници од типот на „Рулетурс“, „Стефанијатурс“ или „АТП Пролетер“ од Крива Паланка (кој одржува врска од Крива Паланка кон Скопје), секојдневното намалување на бројот на локалните превозници создава сè поголеми транспортни дупки.
По затворањето на „Автоатом“, жителите од Кочани, Виница и на околните населени места живеат во неизвесност. Без матичен превозник, граѓаните чекаат соодветна реакција од надлежните институции и од Министерството за транспорт и врски за прераспределба на линиите кон Штип и кон Скопје.
(С. Бл.)












