Со читање на материјалните докази продолжи судењето за случајот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексдиректорот на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица. Обвинителството пред судот презентираше обемна документација за основањето на заедничкото друштво со странскиот партнер, владините одлуки и финансиските трансакции поврзани со набавката на покер апарати. Меѓу доказите беа договорите за заедничко вложување и основање на „Државна видео лотарија на Република Македонија – Казинос Аустриа“ од 2013 година. Обвинителството посочи и на известување од странскиот содружник до Владата од 2022 година, во кое се реагирало на непочитување на правната сигурност. Според обвинителството, од овие документи произлегува дека правото на приредување електронски игри на среќа било внесено како основачки влог при основањето на заедничкото друштво и со него понатаму не можело самостојно да се располага.
Пред судот беа презентирани и Програмата за работа на „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело, како и мислење од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во ВЛТ-терминали.
Обвинителството ја изведуваше и документацијата поврзана со 158. седница на Владата од 6 јуни 2023 година – предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците и владините заклучоци, како и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на „Лотарија“ и мислењето на Министерството за финансии. Особено внимание беше посветено на финансиската документација. Во доказниот материјал има девизни налози, банкарски изводи од „Халк банка“, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и фактури, сметки и испратници за набавените апарати. Обвинителството објасни дека оваа документација била предмет на финансиско вештачење и се однесува на испорачаната стока, количините и цените, фактурирањето и плаќањата што „Државна лотарија“ ги извршила за набавката на ВЛТ-терминалите.
Обвинетиот Груби реагираше за доказот за владината седница со која претседавал тој, односно одлуките и заклучоците кои биле донесени на оваа седница за четирите дополнети точки. Објаснуваше дека тие се усвојуваат на различен начин, но судијката му кажа дека ќе има можност и тој и сите обвинети да ја докажат својата теорија на случај.
Адвокатот Јордан Апостолски, бранител на обвинетиот Бојан Јанев, оцени дека обвинението е „слабо, нејасно и контрадикторно“. Според него, токму презентираните документи покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале по инструкции и со претходна согласност од Владата.
„Од самите докази кои ги видовме произлегува дека обвинетите не само што не ги сториле делата кои им се ставаат на товар, туку спротивно, тие постапувале по инструкции на Владата, со претходна согласност од Владата и само го штителе државниот интерес“, рече Апостолски и го оспори и ставот дека „Државна лотарија“ немала можност самостојно да приредува игри на среќа, посочувајќи дека одбраната во својата теорија на случај ќе образложи оти законски постоела таква можност.
Во предметот обвинети се Груби, Бајрами, Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Обвинителството ги товари дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од 596.125.511 денари, односно околу 9,7 милиони евра. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се виновни. (П.А.)












