Македонската репрезентација ги одработува последните тренинзи во пресрет на новиот циклус од Лигата на нациите. Избраниците на Гоце Седлоски во Лигата Б ги очекуваат четири натпревари против Швајцарија, Словенија и Шкотска.

На собирот дополнително се приклучија Столе Димитриевски, Езџан Алиоски, Елмин Растодер и Христијан Малески.

Дарко Чурлинов, пак, поради административни проблеми поврзани со престојот во Полска, нема да може да настапи на претстојните натпревари.

Прв предизвик за Македонија е дуелот со Швајцарија, кој ќе се игра на 26 септември, во Скопје. По овој натпревар, ќе следуваат гостувањето кај Словенија, новиот дуел со Швајцарија во Луцерн и натпреварот против Шкотска.

Агон Елези, кој се наоѓа во одлична форма во дресот на Сараево, вели дека целото внимание во моментов е насочено кон Швајцарија.

  • Вистина е дека нè очекуваат четири многу тешки натпревари, но моментално за нас постои само еден: оној в сабота, против Швајцарија – изјави Елези.

Македонскиот репрезентативец е свесен за квалитетот на противникот, но верува дека Македонија може да стигне до позитивен резултат.

  • Треба да се фокусираме на себе, да не правиме грешки и да имаме доверба дека можеме да постигнеме позитивен резултат – порача Елези.

Тој посочи дека новиот стручен штаб и новите идеи донеле позитивна енергија во репрезентацијата.

  • Имаме добра атмосфера и добра кохезија, а сега само треба да го пренесеме тоа на теренот – додаде Елези.

Натпреварот Македонија – Швајцарија се игра на 26 септември од 20:45 часот, на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

ИЗДВОЕНИ