Волонтери и екипи од Националниот парк „Шар Планина“ поставуваат нови патокази и цврсти столбови по Вакафската патека кон Титов Врв, овозможувајќи побезбедно движење за планинарите. Покрај обновата на уништената зимска маркација, акцијата опфати и генерално чистење на отпадот и на искршените материјали од самата кула на врвот, со цел планината подготвена да ја пречека претстојната зимска сезона

Ако сте тргнале деновиве нагоре кон Титов Врв, сигурно сте ги виделе вредните луѓе како работат на терен. Пак се засукаа ракавите и се продолжи со работа: се ставаат нови патокази и цврсти столбови по познатата Вакафска патека (онаа летната што води од Попова Шапка право до планинскиот првенец). Момците од Националниот парк „Шар Планина“ дадоа силна поддршка со логистика, да оди работата помазно.
Арно ама, вредните луѓе не само што градеа туку и чистеа зад себе и зад оние што оставиле крш. Одгоре, од самата кула на Титов Врв, собраа и спуштија дел од старите искршени прозорци, а ги прибраа и искршените столбови од зимската маркација, кои лежеа расфрлани по ливадите.
За волја на вистината, срамно е тоа што се случуваше неодамна: повеќе од 45 од вкупно 112 столба на зимската патека беа уништени, оштетени или сосема скубени и извадени. Тие столбови не се поставени онака, од око или за украс. Секој е обоен со јаки црвени и жолти ленти што се гледаат оддалеку за планинарот да има за што да се фати со око кога ќе фатат густи магли, виулици и снегови. Исто така, зимската патека намерно на некои места бега настрана од летната – за луѓето да не залутаат директно во лавина!
Дека ова не е играчка, покажа и неодамнешната драма со планинарката од Бугарија, која се загуби токму во тој реон каде што беа исечени и скршени столбовите. Среќа во несреќа е што сè заврши добро и девојката беше пронајдена жива и здрава, ама тоа ни беше силна шлаканица и сериозна опомена. Не можеме со сигурност да кажеме дали само срушените столбови беа виновни за нејзиното лутање, ама кога немаш точна ознака на планина, главата ти е во торба.
Секоја чест за иницијаторите, мераклиите и за сите волонтери, кои повторно одвојуваат од своето време и поднесуваат пот за да го поправат она што некој без ум го уништил. Активностите ќе си тераат и понатаму додека држи доброто време за да се дочека зимата 2026–2027 така како што личи – подготвено и безбедно.
(С. Бл.)












