Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија во земјава, Н.Е. Метју Лосон, по повод завршувањето на неговиот дипломатски мандат во нашата земја.

На средбата беше изразено заемно задоволство од одличната и конструктивна соработка воспоставена во изминатиот период. Министерката Божиновска му се заблагодари на амбасадорот Лосон за неговиот личен ангажман, отворената комуникација и поддршката во унапредувањето на соработката меѓу институциите на двете земји. Таа посочи дека Обединетото Кралство е значаен партнер за Македонија во процесите поврзани со енергетската безбедност, модернизацијата на енергетскиот сектор, привлекувањето инвестиции и создавањето услови за одржлив развој на рударството.

– Амбасадорот Лосон беше искрен и конструктивен партнер. Заедно градевме соработка која носи конкретни можности за нашата земја. Верувам дека она што го поставивме како основа ќе продолжи да се развива и во иднина – истакна министерката Божиновска.

Таа посочи дека Обединетото Кралство е значаен партнер за Македонија во процесите на модернизација на енергетскиот сектор и создавање стабилна и предвидлива средина за инвеститорите, особено во период кога енергетската безбедност и пристапот до стратешки и критични минерални суровини добиваат сè поголемо значење.

Министерката Божиновска му посака успех на амбасадорот Лосон во неговиот понатамошен професионален ангажман, со благодарност за неговиот придонес кон продлабочувањето на пријателските и партнерски односи меѓу двете земји.

ИЗДВОЕНИ