Полицајци од Струмица неколку дена престојувале на нива за да ја следат и документираат нелегалната плантажа со канабис во струмичко, при што биле запленети околу 680 килограми стебла, а двајца се уапсени. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека станува збор за акција на која се работело подолг период.
-Станува збор за акција што се работи во еден подолг период од страна на СВР Струмица. Морам да им се заблагодарам на полициските службеници кои неколку дена спиеја на нива за на крајот да дојдат до овој резултат, кој на крајот ќе нè доведе до откривање кривично дело производство и пуштање во промет наркотични дроги. Станува збор за доста поголема количина марихуана, која била одгледувана на територија на СВР Струмица – изјави Тошковски.
Според информациите од МВР, СВР Струмица поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против З.М. (34) и А.Т.Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 од Кривичниот законик.

Според пријавата, по претходен договор, двајцата во сокриен дел од парцела на местото викано „Матник“, во атарот на село Секирник, ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале канабис. Полициските службеници, врз основа на судска наредба, презеле повеќе службени дејствија и посебни истражни мерки, со техничка поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток, при што биле обезбедени докази за нивната поврзаност со одгледувањето на растенијата. Двајцата биле приведени и задржани во Полициската станица Струмица. Во службен разговор, според МВР, тие признале дека откако обезбедиле семе од канабис, ја обработиле почвата и во мај годинава ги засадиле семињата. Растенијата ги одгледувале со цел производство на марихуана. Од плантажата биле одземени повеќе стебла со различна висина, со вкупна тежина од околу 680 килограми. Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање дали полицијата претходно имала сознанија за плантажата, рече дека службите постапиле веднаш штом добиле оперативни информации.
Полицијата во моментот кога ги добила информациите постапила во согласност со нејзината надлежност и слободно можам да кажам дека во овој случај имаме една доста успешна акција која оперативно моментно е спроведена од страна на Секторот за внатрешни работи Струмица. Дрогата е детектирана, обезбедена, лицата што биле директно вклучени во рамките на процесот на производство и пуштање во промет се обезбедени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече министерот. По поднесувањето на кривичната пријава, З.М. и А.Т.Г. биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица. (П.А.)












