недела, ноември 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Уставните судии ги отфрлија иницијативите на Левица и на Демократи, Собранието има...

Уставните судии ги отфрлија иницијативите на Левица и на Демократи, Собранието има право да решава кој ќе добива државни пари за кампањи

596

Собранието има право за закон да решава на кој начин ќе бидат доделувани пари на политичките партии за изборните кампањи. Со ова и со образложение дека веќе имало претходна судска одлука за истите оспорени одредби од Изборниот законик, уставните судии денеска ги отфрлија иницијативите на партиите Левица и Демократи.

Со мнозинство гласови, 5 наспрема 3, Судот реши дека во сила и натаму остануваат одредбите од Изборниот законик кои на минатите парламентарни избори предизвикале партиите ЗНАМ и Левица да не можат да добијат државни пари за водење на изборни кампањи.

-Судиите застанаа на ставот дека тоа е веќе пресудена работа, „рес јудиката“ и дека одлуката која е донесена пред три години, кога одредбите ги оспори лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, треба и сега да се донесе. Односно, дека Собраните има право да донесе законски одредби какви што донел во Изборниот законик. Јас имав поинаков став и издвоено мислење бидејќи сметам дека тоа не е во ред – изјави денеска Дарко Костадинов, претседател на Уставниот суд.

Тој објасни дека смета оти ваквите одредби предизвикуваат нефер и и нерамноправна изборна трка.

-Ова одлука не создава фер и рамноправни услови за партиите на изборите и тоа води кон прашањето кој е легитимитет на тој изборен резултат – праша Костадиновски.

Денеска судиите само гласаа за предметот бидејќи расправата беше завршена отпорано, а во меѓувреме се избра и осмиот член на Уставниот суд. На последната седница, кога Судот имаше седум судии, не можеше да се обезбеди мнозинство гласови на пет судии потребно за изгласување на соодветна одлука. Инаку, предлогот на судијата – известител Осман Кадриу беше да се поведе постапка за оценка на уставноста на одредбите од Изборниот законик кои се оспорени од партиите Левица и Демократи.

Со иницијативата на Левица пред Уставниот суд беа оспорени делови од Изборниот законик со ставот дека постојните правила за распределба на медиумскиот простор и на јавните средства за политичко рекламирање создаваат нееднаквост меѓу политичките субјекти. Во иницијативата е наведено дека одредбите од Изборниот законик овозможуваат привилегиран третман на најголемите партии, додека помалите партии и другите учесници во изборниот процес имаат ограничен пристап до медиумите и до ресурсите што се обезбедуваат за изборна кампања. Подносителот смета дека Изборниот законик треба да обезбеди еднаков третман на сите регистрирани политички партии, без разлика дали се парламентарни или вонпарламентарни, бидејќи медиумската застапеност директно влијае врз видливоста на кандидатите и можноста граѓаните да се информираат за нивните програми. Во иницијативата се посочува дека во практиката одредбите се толкуваат така што најголем дел од времето во медиумите и од државната поддршка за политичко рекламирање добиваат двете најголеми партии од власта и двете најголеми партии од опозицијата.

Од Левица денеска обвинија дека Уставниот суд ја аминува политичката цензура со неповедувањето на постапката за еклатантната дискриминација на партијата.

-Толку од „чуварот на Уставот“. Откако Гоце Наумовски си замина од функцијата уставен судија, на неговото место владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ ја инсталираше Мери Дика Георгиевска. Истата Мери Дика Георгиевска која ДПМНЕ во опозиција ја напаѓаше како дел од компромитираното правосудство и ја поврзуваше со случајот „Рекет“, по доаѓањето на власт стана прифатлив кадар за највисоката институција на уставно-судската власт. Денес, токму во таков состав, Уставниот суд одлучува да не ја испита евидентната дискриминацијата врз парламентарна партија. Уставниот суд одлучува за состојба која не е иста со онаа за која одлучувал во 2023 година. Тогаш немаше парламентарна партија која беше исклучена од платеното политичко рекламирање. Во 2025 година, таква партија постоеше – Левица. Во меѓувреме беше создаден и фактички применет модел во кој парламентарна партија со своја пратеничка група, надвор од двете најголеми политички групации, остана без пристап до ова право. Оттука, повикувањето на старата одлука како „пресудена работа“ не може да го избрише фактот дека денес пред Судот стоеше нова политичка и фактичка состојба – се потенцира во соопштението.

Во него се додава дека оваа одлука мора да се чита политички!

-Уставниот суд денес не поведе постапка за една евидентна политичка дискриминација и цензура. Со тоа уште еднаш покажа дека е целосно неспособен да ја извршува функцијата за која постои. Наместо коректив на власта, Судот се претвора во нејзин продолжен апарат – продолжена рака на ДПМНЕ и чувар на статус квото во Македонија. Ако за ваков случај, со ваква промена на фактичката состојба и со сите укажувања од релевантните институции, нивниот одговор е дека „нема што да се разгледува“, тогаш навистина треба да се запрашаме што воопшто разгледуваат. Дел од судиите од овој состав од функцијата уставен судија ја задржаа само титулата, а ја заборавија улогата на нивната фотелја: да го ограничуваат самоволието на власта, а не да го покриваат. Оваа одлука само покажува колку е неопходно политички да се отвори прашањето што партиите на стариот политички поредок се обидуваат да го затворат. Левица ќе продолжи да удира токму таму каде што системот сака да молчиме, наведуваат од Левица. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ