Следната фаза од американската воена кампања против Иран ќе ги искористи речиси сите резерви на крстосувачки ракети „ЈАССМ-ЕР“ за „невидливите“ бомбардери, кои се повлечени од арсеналот наменет за други региони, изјавила за „Блумберг“ извор запознаен со ситуацијата.
Наредбата за повлекување на тие ракети од резервите во Пацификот беше издадена кон крајот на март. Ракетите од другите американски бази, вклучително и оние на американска територија, се преместуваат во базите на Централната команда на САД или во Ферфорд во Обединетото Кралство. По овие трансфери, САД ќе имаат околу 425 ракети „ЈАССМ-ЕР“ за остатокот од светот, од вкупно 2.300 пред војната. Тоа е доволно за околу 17 бомбардери „Б-1Б“ на една мисија. Дополнителни 75 ракети не се оперативни поради оштетување или технички проблеми.
„ЈАССМ-ЕР“ може да лета повеќе од 960 километри и е дизајниран за напади на долг дострел за да се избегне непријателската воздушна одбрана. Заедно со пократката верзија, која има дострел од околу 400 километри, две третини од американските резерви се веќе вклучени во војната против Иран. Според „Блумберг“, само во првите четири недели од војната САД потрошиле повеќе од 1.000 ракети „ЈАССМ-ЕР“. Надополнувањето ќе трае со години, со постојните производствени капацитети. САД користат големи количини оружје со долг дострел за да го намалат ризикот за сопствените сили, но во исто време трошат ресурси наменети за потенцијални конфликти со противници како Кина.
Американските и израелските сили тврдат дека уништиле голем дел од воздушната одбрана на Иран, дозволувајќи употреба на поевтино оружје. Сепак, Иран успеа да собори американски борбен авион „Ф-15E“, а потоа и „A-10“, додека два хеликоптери беа погодени од оган од земја, по што американските сили спроведоа обемна акција за да спасат свој пилот. „Њујорк тајмс“ објави дека се заглавиле два транспортни авиони, кои требало да го транспортираат спасениот пилот и командоси од Иран, на привремена писта во земјата и морале да бидат дигнати во воздух, како и дека биле испратени три нови авиони во Иран за да ги извлечат пилотот и војниците.
Не е јасно кои се следните потези на американскиот претседател, Доналд Трамп. Додека се испраќаат дополнителни сили, вклучувајќи маринци и падобранци, во регионот, се иницираше и можноста за заземање на иранскиот остров Харг, клучен за извозот на нафта. Во својот говор, Трамп рече дека САД „ќе го вратат Иран во каменото време, во следните две- три недели“, без да разјасни што конкретно значи ова за цивилите, војската или за Владата во таа земја. Во исто време, претседателот на Здружениот штаб, генерал Ден Кејн, рече дека американските бомбардери „Б-52“ почнале да летаат над Иран, што сугерира дека воздушниот простор е побезбеден за напади.
Во текот на војната, Иран лансираше повеќе од 1.600 балистички ракети и околу 4.000 крстосувачки ракети „шахед“. За одбрана од вакви напади се потребни илјадници пресретнувачи. САД произведуваат околу 650 пресретнувачи „патриот ПАК-3“ годишно, но планираат да го зголемат производството на 2.000 до 2030 година. Исто така, произведуваат пресретнувачи „ТХААД“, чие производство треба да се зголеми од 96 на 400 годишно. Американските сили испукале стотици крстосувачки ракети „томахавк“ во нападите врз Иран. Пред војната, тие имале околу 4.000 вакви ракети, вклучувајќи ги и постарите верзии, додека минатата година биле произведени околу 100 нови, а дополнителни 240 биле модернизирани според најновиот стандард.












