Во Штип за првпат се организираше Лазарева поворка. Девојчињата со песна тргнаа од црквите „Свети Климент“ и „Света Петка“ и со песна ја завршија поворката во соборниот храм „Свети Никола“ во Штип.
-Со радост организираме и реализираме Лазарева поворка оваа година и во Штип. Првпат ја организираме оваа поворка во Штип, со тоа што тргнавме од населбата Сењак, од црквите „Свети Климент“ и „Света Петка“, а ја посетивме и црквата „Свети Никола“ во Штип. Исто така, сакаме да истакнеме дека оваа Лазарева поворка оваа година се одржува во неколку града во Македонија. Целта е да го најавиме воскресението Христово преку тоа што ќе пееме за Лазаревото воскресение – рече Милена Ристовска-Михајловска, организатор на Лазаревата поворка во Штип.
Со песна и молитва, учесниците испратија силна порака за вера, надеж и заедништво.
И во Струга се одржа Лазарева поворка. Бројни верници и почитувачи на оваа традиција се собраа во Паркот на поезијата, кај црквата „Свети Никола“ и по кратките подготовки, ја започнаа поворката.
Поворката се одвиваше од едната, па до другата страна на реката Црн Дрим, по мостот, од Струшката чаршија и повторно назад од каде што се тргна. Се свиреше и пееше песната „Кажи, Лазаре“, како од учесниците на поворката така и од ученичките, кои беа облечени во народни носии, автентични за струшкиот крај.
По пристигнувањето од поворката, на сите дечиња им беа поделени претходно подготвени колачиња и сокче.
Од страна на организаторот најавуваат ова да прерасне во традиција за секоја година, да се одржува Лазаревата поворка во што поголем број.












