понеделник, август 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА МЗ: ДСЗИ врши вонреден надзор по случајот со 19-годишната пациентка

МЗ: ДСЗИ врши вонреден надзор по случајот со 19-годишната пациентка

0

Министерството за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), по налог на министерот Сашо Клековски, спроведува вонреден инспекциски надзор во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што се лекувала 19-годишната пациентка.

Во наредните денови ќе биде прибрана целокупната медицинска документација од трите здравствени установи, по што ќе бидат изготвени заклучоците од стручниот надзор. Доколку се утврдат пропусти, Министерството најавува дека ќе бидат преземени соодветни мерки.

Од Министерството посочуваат дека ќе бидат заштитени достоинството, приватноста и личните и медицинските податоци на пациентката, а апелираат до јавноста и медиумите да се воздржат од шпекулации и предвремени заклучоци додека траат постапките. Воедно, повикуваат да се почитува достоинството на здравствените работници, нагласувајќи дека евентуалната одговорност може да се утврди единствено по завршувањето на стручниот надзор.

Случајот се однесува на 19-годишна пациентка од струмичкото село Баница, која по царски рез изведен во Клиничката болница во Штип останала со параплегија и се движи со инвалидска количка.

Во меѓувреме, директорот на Клиничката болница Штип, Владко Захариев, изјави дека пациентката по породувањето била испишана во добра општа состојба, а подоцна се јавила со слабост на долните екстремитети. Според него, дијагностиката покажала промена во спиналниот канал на високо торакално ниво, која, како што наведе, анатомски не се совпаѓа со местото каде што се аплицира спинална анестезија, поради што не може да се поврзе со анестезијата при царскиот рез.

Министерството за здравство најави дека по завршувањето на надзорите транспарентно ќе ја информира јавноста за утврдените факти и за понатамошните чекори.

ИЗДВОЕНИ