Со извонредни два концерта и познати гости музичари, виртуозот на гитара, Влатко Стефановски, во Македонската филхармонија во Скопје го одбележа златниот јубилеј – 50 години музичка кариера.
Стефановски, кој е и композитор и текстописец, познат и ценет во светски рамки, и овојпат започна моќно, со изведба на инструменталнa обработкa на македонскaта народна песна „Абер дојде Донке“. Го изведе и „Влатково оро“, за потоа преку добро познатите нумери, кои станаа култни, а меѓу кои „Кандилце“, „Верба, надеж, љубов“, “Џипси сонг”, „Чувам ноќ од будних“, „Бистра вода“, „Кумова слама“…, да нѐ прошета низ неговиот огромен музички опус од кој слушнавме песна и од послениот негов албум „London Sessions“.
Публиката, во салата полна до послено место, уживаше во спој на инструментален рок, етно-џез, блуз и македонска традиционална музика.
Влатко Стефановски создаде музичка магија во придружба на добро познатите и светски докажани музичари, мултиинструменталистот Дамир Имери и Иван Кукиќ на бас гитара. Синот на Влатко Стефановски Јан, пак, со својата извонредна енергија и виртуозност ја одржуваше атмосферата на највисоко можно ниво и го покажа својот извонреден талент на тапани. Целиот впечаток со својата виртуозност го надополни и кларинетистот Горан Бојчевски од Битола, кој долги години работи и живее во Словенија. Заедно со Влатко во пеењето го придружуваа вокалите Слободанка, Стојан и Тодор, од Струмица и Радовиш, со кои дури и заигра оро на сцена.
Специјалниот гостин на концертите, пак, дојде од Белград. Кантаворот Момчило Бајагиќ-Бајага со кој, како што кажа Влатко, соработувал долги години на бројни проекти му се придружи на сцена на големо задоволство на публиката.
Откако Бајага откри дека уште првиот пат кога го видел Влатко како свири, знаел дека ќе стане ѕвезда, сите заедно ги испеаја познатите хитови како „442 до Београда“, „Ти се љубиш“ и Тишина“.
Концертот продолжи со исто одушевување од страна на публиката која аплаудираше и пееше заедно со Влатко Стефановски, за на крај кренати на нозе и со овации да побараат бис по повеќе од два часа музичка приказна на виртуозот на гитара.
Беше отсвирена „Јовано Јованке“, композиција за која Влатко кажа дека нема место на земјината топка каде што не ја свирел, за на крај да заврши со еден од неговите најпознати хитови „Скопје“, “Чукни во дрво“…
Влатко на крај им се поклони на сите што дојдоа да го проследат концертот, бидејќи како што кажа најмногу му значи дома да се чувствува добро. Публиката, пак, со бурен аплауз и стоечки овации го наградија гитаристот за целиот негов музички опус и концертите кои како и овој, секогаш се празник за душата. (Д.Т.)
Фото: П.Стојановски