среда, октомври 14, 2026
Дома СКОПСКА Музички настан и ново урбано катче по повод 19 години од трагичната...

Музички настан и ново урбано катче по повод 19 години од трагичната смрт на музичката ѕвезда  

16

По повод 19-годишнината од трагичната сообраќајка на Тоше Проески, ООУ „Лазо Ангеловски“, кое се наоѓа на територијата на Општина Аеродром, заедно со наставниците и родителите го организира настанот „Тоше, те сакаме сите“. Настанот ќе се одржи в петок, со почеток во 16:00 часот на улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче.

Под пораката „Добрината не престанува – таа расте“, настанот ќе обедини ученици, родители, наставници, музичари и граѓани во сеќавање на музиката и хуманоста на Тоше.

Програмата ќе почне со „Чекори на добрината“ – заедничка прошетка од училишниот двор со детски пораки за љубов, пријателство и хуманост.

Ќе следува свечено отворање на новото хортикултурно уредено паркче во чест на Тоше. Во него се засадени девет генерациски дрвја како симбол на поврзаноста меѓу децата и вредностите што тој ги остави зад себе.

Централната програма ќе се одржи кај фонтаната со неговиот лик на Детската улица. Училишниот хор ќе ја изведе песната „За овој свет“. Предвидени се и обраќања на претставници на училиштето, Општина Аеродром и родителите.

Покрај хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“ во музичката програма ќе настапат „Некст тајм“, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, „Д Кру“, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.

Ќе се претстават и музичките таленти Михаил Милошевски, Јосиф Коштримовски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Џорџиана Дуца и Агнеа Русомаровска. Со своите настапи тие ќе му оддадат почит на Тоше и на неговото творештво.

Настанот е поддржан од Општина Аеродром, ЈУ „Универзална сала“ Скопје и агенцијата „Лајанс ин мув“.

Организаторите ги покануваат сите граѓани да се придружат и преку песна и заедништво да го зачуваат споменот на Тоше и неговата порака за љубов и добрина.

ИЗДВОЕНИ