среда, октомври 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Кочоска и Славески на средби со Светската банка и со ММФ, фокус...

Кочоска и Славески на средби со Светската банка и со ММФ, фокус на модернизација на платни системи, дигитализација и на европска интеграција

9

Светската банка ја потврди поддршката за реформите во финансискиот сектор, модернизацијата на платежната инфраструктура и интегрирањето на земјава во европскиот платежен простор. На средбите во рамките на годишните средби на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд во Бангкок, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, разговараа со високи претставници на меѓународните финансиски институции за досегашната соработка, тековните проекти и за можностите за нејзино продлабочување.

Во фокусот на разговорите на гувернерот Славески со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор за конституенцата во која членува земјава, Јуџин Ругенат, беа модернизацијата на платните системи, дигитализацијата на плаќањето и усогласувањето на националната регулатива со европската правна рамка.

Приоритет на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќање, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС за порамнување инстантни плаќања. По нејзиното воведување, следуваат регионалното поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интегрирањето во поширокиот европски платежен простор, со цел побрзо и поефикасно прекугранично плаќање.

Славески истакнал и дека, една година по приклучувањето на земјава кон единствената област за плаќања во евра – СЕПА, оваа иницијатива веќе претставува важен канал за прекуграничното плаќање во евра, со придобивки за граѓаните, бизнисите и за економијата.

На средбите на министерката Димитриеска-Кочоска со Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и за Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и Ругенат, исто така биле разгледани досегашната соработка, проектите што се реализираат во земјава, можностите за натамошна поддршка на реформите и развојните приоритети.

Светската банка продолжува да обезбедува финансиска, техничка и експертска поддршка за зајакнување на финансиската стабилност, унапредување на регулативната и на супервизорската рамка, развој на макропрудентните политики и подобрување на управувањето со ризици.

Продолжувањето на партнерството со меѓународните финансиски институции се оценува како значајно за зголемување на отпорноста на финансискиот систем и за поблиско поврзување на македонската економија со регионалната и со европската финансиска инфраструктура.

ИЗДВОЕНИ