Од 1 декември годинава се менуваат правилата за станбено кредитирање во Македонија. Максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, со исклучок на кредитите за купување прв стан. За граѓаните тоа значи пократок период на задолженост, но и повисока месечна рата. За банките, пократкиот рок на отплата значи побрзо враќање на главницата и помал вкупен приход од камати, но и поголем ризик дел од клиентите да не ги исполнат условите за одобрување кредит.
Но, дали повластените услови за купување прв стан навистина претставуваат значителна помош за младите или, сепак, се меч со две острици. Иако каматната стапка од 2,9 отсто се претставува како олеснување за оние што првпат купуваат стан, останува прашањето колку навистина ги намалува трошоците за купување сопствен дом. Ако за стан од 100.000 евра, зависно од каматата и од рокот на отплата, на крајот треба да се вратат 50 илјади евра повеќе од позајмениот износ, колку е навистина поволна таквата понуда?
Дополнително, каматата од 2,9 отсто не е толку ниска во споредба со европските земји, каде што во одредени случаи се нудат и каматни стапки за станбени кредити пониски од 2 отсто. Споредбата наметнува важно прашање: дали ќе им овозможат мерките на младите полесно да дојдат до сопствен дом или и покрај повластените услови, најголемиот дел од финансискиот товар останува на нивни грб?
– Ако државата, односно Народната банка, навистина сака да им помогне на граѓаните при купувањето прв стан, целта не треба да биде остварување профит, туку покривање на трошоците, односно работење без загуба. Исто така, треба да се предвиди механизам со кој купувачот нема да може да го продава станот сè додека не го исплати кредитот. Добро е што се ограничуваат поволностите за купување втор и трет стан, но каматната стапка од 2,9 отсто, сепак, не е ниска. Така, за станбен кредит од 100.000 евра, со рок на отплата од 25 години и со каматна стапка од 2,9 отсто, вкупната сума што треба да се врати би изнесувала околу 150.000 евра. Ако се вклучат и дополнителните трошоци, сумата е уште поголема. Скратувањето на рокот за отплата ја зголемува месечната рата, што отвора друго прашање: дали ќе може граѓаните да го издржат повисокиот месечен финансиски товар – изјави за весникот ВЕЧЕР градежниот експерт Никола Велковски.
Според него, државата може да им помогне на граѓаните и преку Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, со изградба на станови на државно земјиште што би се продавале по пониски цени.
– Политиката што ја наметна Народната банка кон банките за обезбедување подобри услови за купување прв стан е добра. Граѓаните што првпат решаваат станбено прашање добиваат можност за станбен кредит со минимално сопствено учество од 10 проценти од вредноста на недвижноста доколку ги исполнуваат пропишаните услови. Сепак, за да се спречат евентуални манипулации во однос на тоа дали станува збор за купување прв, втор или трет стан, неопходни се ефикасни механизми за проверка на исполнувањето на условите. Сметам дека државата треба да направи и дополнителен чекор – да обезбеди подостапни станови, бидејќи поволните кредитни услови сами по себе не значат дека секој граѓанин може да си дозволи сопствен дом – вели Велковски.
Иако пониските каматни стапки и подолгите рокови на отплата може да го направат станбеното кредитирање поповолно, за голем дел од граѓаните купувањето сопствен дом останува тешко остварлива цел. Пример за тоа се пресметките за станбен кредит од 100.000 евра, со годишна каматна стапка од 2,9 проценти. Доколку се отплаќа кредитот во период од 30 години, месечната рата би изнесувала приближно 416 евра, додека при рок на отплата од 25 години, таа би била околу 469 евра.
Разликата изнесува околу 53 евра месечно, односно приближно 3.250 денари. Сепак, пократкиот рок на отплата значи и помал вкупен трошок за камата. Според наведените пресметки, за 25 години би се платиле околу 40.700 евра камата, наспроти приближно 49.800 евра за 30 години. Тоа би значело заштеда од околу 9.100 евра со скратување на рокот за пет години.
Но, од Синдикатот за градежништво посочуваат дека поволните кредитни услови сами по себе не се доволни за да може граѓаните да купат сопствен стан. Клучен проблем, според нив, се ниската куповна моќ и ограничената кредитоспособност на работниците.
Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, во изјава за весникот ВЕЧЕР оценува дека станбените кредити и со релативно ниски каматни стапки остануваат недостапни за голем дел од населението.
– Во услови кога се ниски платите и граѓаните едвај ги покриваат месечните трошоци за храна, не знам кој ќе земе станбен кредит и ќе може да поднесе месечна рата од околу 500 евра. За да земе станбен кредит под овие услови, еден млад брачен пар треба да има месечни примања над 100 илјади денари. Тоа значи дека во наредните 25 години треба да ги земаат истите плати, што е многу тешко во услови на економска несигурност, голем процент на неформална економија и исплата на платата во плик – изјави Пешевски.
Тој додава дека ваквите услови дополнително ја отежнуваат кредитната способност на работниците, кои тешко можат да добијат дури и потрошувачки кредит, а уште потешко станбен.
Според Пешевски, населението во Македонија има ограничена кредитоспособност дури и кога станува збор за кредитите со пониски каматни стапки. Причината ја гледа во тоа што растат цените на становите и каматните стапки побрзо од платите, со што се намалува реалната можност на граѓаните да обезбедат сопствен дом.
Наместо подобрување на животниот стандард, сè поголем дел од домаќинствата се соочуваат со задолжување и со тешкотии во покривањето на секојдневните трошоци. Во такви услови, и покрај потенцијалната заштеда од изборот на пократок рок на отплата, основното прашање останува дали имаат граѓаните доволно високи и стабилни примања за воопшто да можат да го добијат и редовно да го отплаќаат станбениот кредит.
(А. С.)












