При извршениот увид во сегашната состојба на објектите кои се ставени под заштита во градот Гевгелија, според Славица Тасева, советник козерватор во Заводот за заштита на споменици на културата и Музеј – Струмица, во моментот има три најзагрозени објекти, од кои еден е приватен, а другите два се општествени. Информацијата за состојбата со заштитата на историските и градителски традиции во општината беше презентирана на последната седница на Советот на Општина Гевгелија.

По загрозеност, на прво место е куќата на Андреевиот конак, во централното градско подрачје. Оваа куќа има особени карактеристики во нејзиниот изглед, архитектура и декоративни елементи кои ги нема на друг објект во Гевгелија. За жал, фасадата пропаѓа, а има и нарушување на статиката на самиот објект, предизвикана од удар на камион во сообраќајна несреќа. Тука живеат сопствениците кои можат да бидат загрозени, доколку не се зацврсти оваа нарушена статика.

На второ место по загрозеност е објектот на Библиотеката „Гоце Делчев“, кој е од голема важност за градот. При изведбата на нејзината реконструкција, направена е грешка при реализацијата на покривната конструкција од страна на изведувачот. Затоа се појавува протечување на покривот, при што објектот е во катастрофална состојба. Не само животозагрозувачка по вработените туку и поради опасност од опожарување. Влагата продира низ покривот и се шири низ просторот за осветлување. Горниот кат на Библиотеката не функционира бидејќи е претворен како депо на стари книги и ракописи, на легени и корита.

Третиот објект за кој изработувачот на Информацијата, Славица Тасева, истакнува дека е по приоритет најзагрозен, е објектот каде се наоѓа Народниот музеј. Гевгелија, нагласи Тасева, е регион со најголема културна вредност за Македонија. Овој регион го чува идентитетот на Македонија. Но, состојбата во која се наоѓа овој објект, за жал, ни дава право да речеме дека во моментот како да нема Музеј во Гевгелија. Тој, едноставно речено, не функционира како што треба, и само преживува. Влагата е најголемиот проблем, кој ги уништува не само археолошките предмети, туку и самите витрини каде што тие се чуваат. Проблем претставува и покривната конструкција каде што влагата протекува низ електричната инсталација на горниот кат. Таму е вистинска депонија од вредни хартии и артефакти кои чекаат да бидат обработени. Не е потребно само заштита на објектот,туку, рече Тасева, потребно е општината да размислува за изградба на нова репрезентативна музејска зграда која би била достојна за еден град каков што е Гевгелија.

На листата од десетте објекти кои се под заштита, а кои се опфатени со оваа информација, освен горенаведените три, се наоѓаат и објектите на Канговиот конак, за кој треба да се изработи конзерваторски проект за заштита на фасадата, „Вила Тина“, која е најрепрезентативен објект за домување од минатото, со преубав архитектонски изглед, за кој е потребно да се изработи конзерваториски проект и нејзина пренамена во еден убав културен центар за развој и историски приказ на градот. Тука е и зградата на Општина Гевгелија на која е потребно освежување на бојата на фасадата и поставување на внатрешен лифт за потребите на инвалидизираните жители на градот. Амамот е во стабилна состојба, но е потребно да се елиминира протекувањето од покривот и заштита од влага. На „Попската куќа“ не и е потребна интервенција бидејќи е реновирана и служи за преноќевалиште, Железничката станица е во добра состојба, додека зградата на Старото Радио, каде што е во тек постапката за реализација на конзерваторски проект за овој објект, е во напредна фаза на оштетување. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ